1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мартоњи: Унгарија нема да го отвори прашањето за Македонија во Чикаго

Унгарија денеска (02.04) ја потврди поддршката за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ на средбата на министрите за надворешни работи, Мартоњи и Попоски.

Шефот на унгарската дипломатија Јанош Мартоњи, кој престојува во официјална посета на Македонија, по средбата со неговиот македонски колега Никола Попоски, изјави дека стратешка цел на Унгарија е да се комплетира што поскоро евроинтеграцијата на земјите од регионот.

„За нас е многу важно овој интегративен процес да продолжи и порано или подоцна сите земји кои припаѓаат на Западен Балкан да станат интегративен дел на обединета Европа. Целосно го поддржуваме почнувањето на пристапните преговори со Европската унија за што Европската комисија веќе во три наврати даде таков конкретен предлог и посакуваме тоа што поскоро да се случи. За почнување на преговорите е неопходна едногласност, а таа може да се постигне ако отвореното прашање во врска со името се реши“, нагласи Мартоњи.

Nikola Poposki

Никола Попоски

Прашан дали Унгарија е подготвена на претстојниот самит на НАТО во Чикаго да го отвори прашањето за зачленувањето на Македонија во Алијансата, шефот на унгарската дипломатија рече дека тоа прашање не е на дневен ред на самитот.

„Во поглед на придружувањето кон НАТО, ставот на унгарската влада е потполно ист како и за придружувањето кон Европската унија. Ситуацијата е слична по двете прашања и зависи од постигнувањето консензус. Во поглед на решавањето на прашањето за името не би сакале да се мешаме, но лично сум убеден дека логично е двете страни наскоро да постигнат обострано прифатливо решение“, рече Мартоњи.

Двајцата министри оценија дека е важно почнувањето на дијалогот на високо ниво што започна на 15. март меѓу Македонијаи Европската унија и оти доколку тој успешно се одвива значително ќе го скрати траењето на формалните преговори за членство на Македонија во ЕУ.

„Од особено значење е фактот што го почнавме предпристапниот дијалог на високо ниво. Се работи за одлична можност континуирано да ги остваруваме реформите коишто се значајни за нашето членство во ЕУ и кој се надеваме дека ќе ни овозможи да го скратиме периодот за официјалното почнување на преговорите“, рече министерот Попоски, додавајќи дека стратешките приоритети за постигнување на членството во НАТО и ЕУ се од највисока важност за Македонија.

Politiker Janos Martonyi

Јанош Мартоњи

Заеднички став на Македонија и на Унгарија, посочи Попоски, е целиот регион да биде интегриран во НАТО и ЕУ, а соработката да се базира на принципите и вредностите кои владеат во неа.

Попоски и Мартоњи денеска потпишаа и заедничка декларација за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи во процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ.

Покрај средбата со Попоски, Мартоњи ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од премиерот Никола Груевски, како и од заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања Теута Арифи.