Марти ја обвинува Македонија дека лаже | Македонија | DW | 08.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Марти ја обвинува Македонија дека лаже

Тоа што во јуни 2006 година беше само сомневање, една година потоа се претвори во обвинение со цврсти докази.

default

Дик Марти

Известувачот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Дик Марти, во својот најнов извештај, објавен денес во Париз, ги обвинува највисоките раководители на Полска и Романија дека „биле запознати со илегалните активности на ЦИА на нивната територија“. Швајцарскиот сенатор исто така ја обвинува Македонија дека лажe и не ја прифаќа одговорноста за случајот Ел Масри.

Во извештајот долг 73 страници, Дик Марти, детално се навраќа на случајот со германскиот државјанин, Калед Ел Масри. Една година по првиот извештај на Парламентарното Собрание на Советот на Европа во кој имаше тешки критики за вмешаноста на Република Македонија во грабнувањето на Ел Масри, известувачот успеа да го пронајде и летот со кој Ел Масри беше вратен од Авганистан во Албанија. Масри бил вратен во Албанија, бидејќи македонските власти не сакале да имаат проблеми.

Германската парламентарна комисија, која води истрага за илегалните активности на ЦИА е убедена во вистинитоста на приказната на Ел Масри, што според Дик Марти, само потврдува дека верзијата која ја даваат македонските власти е неточна.

Марти ја обвинува Македонија дека „лаже и дека не ја прифаќа одговорноста за случајот со Ел Масри“. Од македонската парламентарна делегација која на 18 мај по расправата за случајот Ел Масри, заклучила дека македонската тајна служба „не ги надминала нејзините овластувања“ и дека „верува во верзијата на МВР, се‘ додека не бидат претставени формални докази“, во светлината на новите откритија сега се бара да ја продлабочи истрагата.

Марти жали дека Калед Ел Масри сеуште не добил официјални извинувања, иако Американците за тоа и‘ се извиниле на германската влада.

Проблемите со кои последниве месеци се соочува Ел Масри во Германија, како опожарувањето на продавницата во Улм, според известувачот и неговиот адвокат Гњидиќ, се резултат на психолошкиот шок. Марти открива дека телефонските разговори што неговиот соработник ги водел со адвокатот на Масри, биле прислушувани. Иако тоа било легално, сепак тоа сведочи за отстапките кои се прават во борбата против тероризмот на сметка на фундаменталните слободи.

Известувачот тврди дека ЦИА имала тајни затвори во Полска и Романија во периодот од 2003 до 2005, каде ги сослушувала лицата осомничени за териоризам. За постоењето на овие затвори биле запознати и ги одобриле највисоките државни раководители, како поранешните претседатели Александар Квашњевски и Јон Илиеску, исто како и нивните министри за одбрана.

Обвинети и Германија и Италија

Германија и Италија се обвинети за правење пречки во истрагата на швајцарскиот сенатор, при што тој открива дека во илегалните активности на ЦИА бил вклучен и НАТО. Преку тајниот договор меѓу САД и НАТО, била развиена соработката меѓу САД и нивните сојузници од Алијансата.

За извештајот, Парламентарното собрание на Совето на Европа ќе расправа на 27 јуни. Дик Марти сега посакува неговата работа „да послужи како „катализатор“ за да се преземат вистинските мерки за да се излезе од правната и моралната кал во која се заглавивме колективно при водењето на борбата против тероризмот.“