1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Марти: Македонија да спроведe јасна истрага за случајот Ел Масри

Во најновиот извештај за случајот на Калед ел Масри на ПС на СЕ, беа анализирани истрагите водени во девет земји членки на СЕ. Во него меѓу другото се бара од Македонија конечно да отвори јасна истрага за случајот.

default

Швајцарскиот европарламентарец Дик Марти

Тајните служби треба да поднесат сметки за случаите на тортура, грабнување или реституција, и не треба да ги избегнат истрагите повикувајќи се неоправдано на државни тајни, смета комисијата за правни прашања на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

Комисијата се изјасни и за судските и парламентарните истраги кои беа водени по извештаите на Дик Марти објавени пред пет години, во кои тој наведе повеќе европски влади кои соработуваа со американската тајна служба ЦИА во недозволените активности на грабнување, затворање, измачување или пренесување на нивна територија на лица сомнителни за тероризам.

Зачуденост зошто Македонското собрание не отвори истрага

Во извештајот меѓу другото се изразува зачуденост зошто парламентот на Република Македонија не најде за потребно да отвори истрага за случајот со Ел Масри, со оглед на јасните резултати на другите истраги што биле водени за овај случај. Комисијата за правни прашања на ПС на СЕ бара од македонските власти конечно да отворат јасна истрага во однос на деталните обвинувања за тајно грабнување и недозволено лишување од слобода.

Калед ел Масри е германски државјанин со либанско потекло. Тој беше затворен 23 дена во еден хотел во Скопје од македонски тајни агенти, пред да им биде предаден на агенти на ЦИА, по што тој се најде во Авганистан.

За тужбата поднесена на 6 октомври 2008 од Ел Масри пред јавниот обвинител во Скопје, за илегално лишување од слобода, тортура или нечовечки и понижувачки третман, според тужителот не била спроведена никаква истрага.

На 20 јули 2009, Ел Масри поднесе тужба против Македонија пред Европскиот суд за човекови права, што е и прв ваков случај кој се најде пред Судот од Стразбур.


Телеграмите на Викиликс ја потврдуваат истрагата на Дик Марти

Khaled El-Masri

Калед ел Масри

Во случајот со Калед ел Масри, телеграмите објавени од Викиликс зборуваат дека Дик Марти бил во право, при што тој смета дека Македонија треба да го расчисти овај случај, откривајќи навистина што се случило.

„Сметам дека во сите демократски земји владата треба да ја кажува вистината. Тоа што се случи со Ел Масри, мислам и сигурен сум дека треба да се бара вистината. Најнапред во знак на почит на Ел Масри, кој е невин и ништо не направи, а беше затворен и депортиран во Авганистан. Тој не доби ниту едно евро отштета и имаше многу лични проблеми. Мислам дека е апсолутно потребно да се дознае вистината. Македонија нема да ја изгуби честа ако ја каже вистината, напротив. Но, многу европски земји одбиваат да работат на барањето на вистината“, вели со жалење известувачот на ПС на СЕ, швајцарскиот парламентарец Дик Марти.

Анализа на истрагите во девет земји

Во извештајот за кој ќе се расправа на есенската сесија на ПС на СЕ во октомври, се изразува жалење и поради тоа што парламентите на Полска и на Романија се задоволија само со истраги, кои имаа за цел да се брани официјалната позиција на националните власти.

Дик Марти ја поздрави истрагата во Литванија, која дозволи да се утврди дека постоеле два тајни затвори на ЦИА, но таа не дозволи да се утврди дали затворените лица биле малтретирани и дали високите литвански раководители биле информирани.

Во него се поздравуваат и професионалните истраги спроведени во Германија и во Италија, кои дозволија да се разјасни грабнувањето на Калед Ел Масри и Абу Омар, но сепак жалејќи што германската влада не ги дала сите информации барани од парламентарната комисија.

Поздравено е спогодбеното решавање на сличните случаи во Велика Британија, а додека од литванскиот, полскиот, португалскиот и шпанскиот парламент се бара поголема упорност во барањето на вистината.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска