1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мартин Шулц загрижен за состојбите во Македонија

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц за Дојче веле изјавува дека спорот околу името е неприфатливо да остане како пречка за европските интеграции на Македонија.

Откако Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија побара Европскиот совет да ја потврди препораката на Европската комисија и Европскиот парламент за почеток на преговори со Македонија и да и’ даде датум за преговори на Македонија за време на кипарското претседавање со ЕУ, Дојче веле  го запраша претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц - дали тоа може да се случи во следните шест месеци, како што препорачуваат европратениците и македонските парламентарци?

Порано или подоцна Македонија ќе добие датум за преговори

„Тешко е да се каже, постои извесна воздржаност во рамките на ЕУ, а вие добро знаете. Македонија е на патот кон ЕУ и порано или подоцна ќе има датум за преговори. Имаше последниве месеци неколку настани во земјата, кои беа загрижувачки“, вели германскиот европратеник од редовите на Социјалистите и демократите.

Шулц притоа вели дека кај него постои загриженост во однос на ситуацијата во Македонија.

„Јас сум многу искрен, по Охридскиот договор, вие тоа добро го знаете, убеден сум дека Македонија може да стане модел за регионот. Тука гледам извесни промени во земјата кои ме загрижуваат и тоа го забавува процесот. Не треба да се лажеме“, нагласува Шулц.

Martin Schulz

Шулц смета дека спорот за името не треба да биде пречка за интеграција на Македонија во ЕУ

Претседателот на Европскиот парламент испраќа и совети до политичките лидери на Македонија.

„Јас ги охрабрувам сите сили во земјата да соработуваат подлабоко меѓу нив и да имаат заеднички амбиции за Европа. Нека го земат примерот од Хрватска. Во Хрватска имаше значајни политички поделби, но што се однесува за европскиот пристап, тој беше едногласен. Тоа е препорака и за другите земји од регионот“, укажува претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.

Неприфатливо е проблемот со името да претставува пречка

Дојче веле праша и дали во моментов ЕУ и нејзините други земји членки вршат притисок врз Грција, за да се реши проблемот со името и се деблокираат евроинтеграциите на Македонија, според словенечко-хрватскиот модел.

„Европската перспектива на Македонија не може да зависи од името, од името на земјата. Има многу други работи коишто се многу поважни и кои што треба да се решат. Овај конфликт околу името претставува пречка, но неприфатливо е тој да остане и понатаму како пречка“, рече претседателот на Европскиот парламент во изјавата за Дојче Веле.