1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Марио Драги ги осоколи берзите

Финансиските пазари реагираат со плус на одлуката на Европската централна банка да купува државни обврзници од евро-земјите кои се во криза. Во Германија реакциите од воздржани до барања за тужба против плановите на ЕЦБ.

Германскиот индекс на акции Дакс по одлуката на Европската централна банка забележа пораст од речиси три процени. Голем пораст на курсевите има и на берзите во Париз, Мадрид Милано, а на Вол Стрит индексот забележа раст од два процента. Околку одлуката на Европската централна банка, трговците со акции во Њујорк велат - ова беше токму она на што се надеваше пазарот.

Политичарите од владејачката коалиција и опозицијата во Берлин на плановите на ЕЦБ реагираат различно. Канцеларката Ангела Меркел не даде директна оценка, но рече дека ЕЦБ не може да ги замени задачите што ги има политиката:

„Европската централна банка дејствуваше согласно својата независна позиција и во рамки на мандатот. Таа е надлежна за стабилност на валутата и во тие рамки и ги донесе мерките.“

Merkel Spanien Porträt

Меркел незадоволна

Слична изјава даде и Филип Реслер, шефот на либералите, кои се коалиционен партнер на Меркел, додека генералниот секретар на третиот партнер во германската влада - Христијанско-социјалната унија, Александер Добринт, оцени дека одлуката е опасна. Од редовите на двата помали коалициони партнери се слушаат и барања за поднесување тужба против заклучоците на ЕЦБ, затоа што тие значат „прекршување на договорите од Мастрихт и Лисабон, со кои се забранува државно финансирање“. Сара Вагенкнехт од опозиционата Партија на левицата беше повеќе од јасна: „Не е можно една шака еврократи да се собере во некоја одаја и потоа да ги покани германските даночни обврзници да плаќаат банкарски долгови за половина Европа“, рече таа. Опозицијата во Берлин приликата ја користи и за жесток напад врз политиката на владата и смета дека она што го заклучи ЕЦБ е „документ на неуспехот“ на Меркел.

Mario Draghi

Драги направи решавачки потег

Претседателот на Европската централна банка Марио Драги, кој вчеравечер (06.09) во Германија доби медиумска награда за поттикнување на европското разбирање и комуникација, објавувајќи ја одлуката на ЕЦБ, нагласи дека за помошта за земјите во криза ќе има јасни услови. Тој појасни дека одлуката не била донесена едногласно. „Нема да кажеме кој беше против, можете околу тоа да шпекулирате“, рече тој. При гласањето имало еден глас против, а претседателот на германската Бундесбанка Јенс Вајдман веќе претходно најави дека се противи на плановите на ЕЦБ.

Сепак, остатокот од Европа е, се чини, задоволен. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо изјави дека ова „треба да ја врати довербата на инвеститорите“, а италијанскиот премиер Марио Монти зборуваше за „важен чекор напред во насока на смирување“ на еврозоната. Францускиот конзервативен весник „Фигаро“ оцени дека Драги „си ја работи работата“, но дека тој не може да направи се‘ и дека е едно смирување на пазарите, а сосема друго враќање на нивната доверба. „За тоа се надлежни единствено и само државите. Тие мора да ја докажат решителноста за повторно зацврстување на своите економии“, пишува „Фигаро“.