1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Марин Рајков е новиот бугарски премиер

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев го именува дипломатот Марин Рајков за преоден претседател на владата. Преодната влада ќе функционира до предвремените парламентарни избори на 12-ти мај.

Претседателот Росен Плевнелиев бараше личност којашто ќе ја има довербата кај пошироката бугарска јавност, откако по протестите оставка си поднесе премиерот Бојко Борисов и целиот негов владин кабинет предводен од партијата ГЕРБ. Изборот падна на независна личност за на демонстрантите да им се покаже дека станува збор за вистинско раскинување со политичката клика, којашто граѓаните ја сметаат за корумпирана и неспособна да го подигне животниот стандард во една од најмладите и најсиромашни членки на Европската унија.

„Рајков целосно одговара на потребниот профил. Тој важи за повеќе или помалку политички неутрален и нема никакви врски во деловниот свет, тоа се најважните предуслови“, вели политикологот Даниел Смилов од Центарот за либерални студии во Софија.

Преодната влада ќе функционира до предвремените избори на 12-ти мај.

Педесет и двегодишниот Марин Рајков веќе беше заменик министер за надворешни работи, а од 2009 години и амбасадор во Франција. Тoј покрај премиерската функција ќе биде и шеф на бугарската дипломатија.

Бугарските политички аналитичари сметат дека Плевнелиев се обидува на овој начин да демонстрира пред ЕУ и странските инвеститори дека Бугарија ќе остане доследна на строгата финансиска политика, неопходна за да се зачува довербата во валутниот борд, и нема да троши нерационално само за да се стави крај на бранот протест.

Речиси секојдневно во бугарските градови се организираат последните неколку седмици протести со учество на десетици илјади демонстранти коишто се противат на нискиот животен стандард, далеку под просекот во ЕУ, како и против корупцијата на етаблираните политички елити.

Протестите ја принудија владата на Бојко Борисов комплетно да си поднесе оставка на 20-ти февруари, по што претседателот Плевнелиев го закажа одржувањето на предвремените парламентарни избори.