1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Манчевски: „Мајки“ нема да се прикажува во Македонија

Вечер (12.09) на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто светска премиера ќе има филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски. На патот од Њуjорк за Торонто тој говори за својот филм, но и состојбата на македонските кина.

default

Сцена од филмот

ДВ: Во Специјалната презентација на Меѓународниот филмски фестивал во Торонтно, вечер светската премиера ќе ја има Вашиот четврти игран Филм „Мајки“. Што Ве инспирираше и накусо - каква е приказната на филмот?

Милчо Манчевски: Тоа се три приказни.Сите се современи. Она што за мене беше инспирација беше природата на вистината, што ја сочинува, како ние ја перцепираме и колку ја менуваме со својата перцепција. Филмот ги спротивставува и документарниот жарн и фикцијата, но во истовреме тие функционираат како надополнување едно на друго.

ДВ : Ова го вели и директорот на Фестивалот од Торонто Пирс Хандлинг. Која е таа црвена нишка која обединува и која е типично ваша?

Милчо Манчевски : Кога пишувам, кога режирам, работам интуитивно. Тоа не е нешто што го работам по програма. Дури кога ќе поминам низ целиот процес, се кристализира она што гледачот може да го заклучи како нишка. Во случајот ме интересира природата на вистината како ја создаваме, како ја менуваме и перцепираме. Природара на вистината прекршена низ раскажувањето, разните форми на нарација - фикцијата, докумаентарно пренесување, митот, легендата, вицот, анегдотата. Филмот започнува со играна приказна каде сме сведоци на создавање лага која се пласира како вистина. Во вториот дел гледаме документаристи кои се обидуваат да ја регистрираат вистината, секојдневието како подлошка за искажување, што тогаш ќе биде историја и така ја промашуваат и таа вистина. Треттиот дел е документарец кој ни дава најмалку едноставни одговори и вистини. Можеби затоа, како што кажале и многу поважни писатели - разликата меѓу фикцијата и вистината е во тоа што вистината честопати е поневеројатна, и затоа што во фикцијата или уметноста мора да има логика!

Filmregisseur Milcho Manchevski

„Да работев во друга земја, немаше да имам толку бела коса“ - Манчевски

ДВ : Пред светот ја распослувате убавината на Мариово, но и талентираноста на македонските актери. Тешко ли беше да се направи вистинскиот избор – како на теренот, така и на актерите и конечно, на целиот тим?

Милчо Манчевски : Да ви кажам право не беше тешко, зашто имаме извонредни актери од сите генерации и беше задоволство да се работи со нив. Имаше и нови актери со кои првпат работев. Исто така работев и со нов директор на фотографија, монтажер и композитор. И најважно од се’, за разлика од претходното искуство, имав чесни и способни продуценти, така што целиот работен процес беше прекрасен.

ДВ: И Вашето претходно остварување „Сенки“ светската премиера ја имаше во Торонто. Зошто и овојпат Торонто и зошто не на пример Берлин? Не ве мами ли Берлиналето како единствен фестивал на публиката?

Милчо Манчевски : Во принцип беше прашање на тајминг! Берлинскиот фестивал е во февруари, а филмот веќе беше готов. Втора причина е, да кажам, традицијата. Сите мои филмови биле поканети во Торонто. По четврти пат бев поканет и Фестивалот се потруди да не` добие, светската поремиера да биде таму! Не` ставија во специјалната презентација. Сите сметавме дека е вистински избор зашто станува збор за најголем фестивал во Севеврна Америка и еден од најголемите во светот.

ДВ: Зад себе имате над 30 престижни награди меѓу кои Златниот лав од Венеција. „Пред дождот“ е на листата 1.000 надобри филмови на сите времиња. Номиниран беше и за Оскар, имате и многу документарци. И пишуваниот збор не ви е туѓ, ако се имаат предвид бројните есеи. Накусо, имате место во антологијата на светскиот филм. Колку е тешко да се биде амбасадор на македонската култура во светот? Може ли културата да и` ги отвори европските и светски хоризонти на Македонија?

Szene aus dem Film Mothers Majki von Milcho Manchevski

Фестивалот во Торонто повторно стартна точка за новиот филм на Манчевски

Милчо Манчевски: Сложено прашање, зашто во една рака тоа е задоволство кое не се бира. Тоа е обврска која човек, кога има можност да ја прифати, ја прифаќа во име на заедницата. Од друга страна, многу е тешко да се работи, да се создава нешто убаво за што треба многу инфраструктура, организација и поддршка, во ситуација кога кај нас тие работи се во ембрион, во зародиш. Кога истиве овие филмови би ги создавал во подруги услови, веројатно не би имал толку бела коса, но и задоволството сигурно не би било толку големо.

ДВ: По премиерата на „Мајки“ во Торонто ќе му се радувате ли на новото чедо и на реакциите на публиката или стартувате веднаш со некаков нов проект? И ако не е тајна – каков?

Милчо Манчевски: Не би зборувал за тоа пред време, зашто има некое задоволство во тоа приватно, тајно, лично да се работи на нешто ново. Тоа е како да работиш на дневник. Затоа би го задржал за себе, пред да биде тоа ново растргнато и претворено во техника и бројки...

ДВ:Ќе патува ли филмот на некои други фестивали и кога ќе може да се види во Македонија и Германија?

Милчо Манчевски: Филмот секако ќе патува на многу фестивали, веќе има и повеќе покани. Кога и каде ќе оди е прашање на стратегија која токму сега ја развиваат продуцентот, агентот за продажба и дистрибутерот. Знаеме дека сигурно нареднава година, две ќе обиколи многу фестивали. Ќе биде прикажан и во Германија. За жал, како што сега стојат работите, ми се чини дека „Мајки“ нема да има ниту филмска премиера, ниту прикажување во Македонија. Не сакаме да соучествуваме во прикривањето на геноцидот извршен врз кино мрежата во Македонија. Мислам дека треба да се знае и да обрне внимание на овој проблем. Во Скопје пред 30 години имаше 16, а сега има кино ипол. И што е уште пострашно, со кината работат и владеат партиски војници кои не му мислат добро на филмот. За нас е голема одлука „Мајки“ да не го играме во Македонија, зашто сакаме да посочиме на фактот дека таму кино мрежата е уништена и физички и со тоа кои луѓе ја водат.

Дојче веле