1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мануфактурата повторно „во мода“

Ренесанса на мануфактурите во Германија. Околу илјада претпријатија произведуваат исклучиво со рачна работа. Сега заеднички ќе го рекламираат „Хендмејд ин Џермани“.

Салата „Европа“ во германското Министерство за надворешни работи во Берлин веројатно никогаш не изгледала толку свечено, како таа вечер. На празнично уредената маса стои мала ножичка - за да се отворат спакуваните салвети. Мала, но солидна, со остри и елегентни сечила. Таа ножичка ја произведува мануфактурата Паул од покраината Долна Саксонија. Тоа претпријатие веќе 125 години произведува ножици на мануфактурен начин, и тоа исклучиво во Германија.

На ексклузивната вечера гости се претприемачи, новинари и претставници на здруженија од стопанството, допатувани од цела Германија и од странство.

Мануфактурите се визит-карта на германското стопанство

„Дами и господа, седите врз столици од мануфактурата Тонет, свеќите се производство на Енгелс, чашите од мануфактурата за стакло Барон од Пошингер, чиниите за предјадењето од КПМ“. Михаел Шредер зборува исполнет со гордост. Претседателот на Иницијативата на германските мануфактури е по малку возбуден, оти вечерата со неколку стотици гости и министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле е сепак нешто посебно. Мануфактурите што за таа вечер ставија на располагање декорација за масите и салата заеднички репрезентираат преку 2600 години преприемничка историја. Тие се визит-карта на германското стопанство, со нивните продукти кои се симбол за сигурност, врвен квалитет и традиција. Тие денес веќе не се осамени борци, туку преку Иницијативата заеднички се пласираат на пазарот.

Од Германија не доаѓаат само автомобили и машини

„Тие прават нешто, што ниеден дигитален свет не може да го прави. Тие покажуваат дека од Германија не доаѓаат само автомобили, хемија или големи машини, туку и производи направени со рачна работа и многу љубов“, нагласува издавачот Флоријан Лангеншајт, чија издавачка куќа “Дојче стандардс“ на истиот ден ја промовира книгата за 70 германски мануфактури. Таа книга уште тој ден беше испратена до сите германски надворешно-трговски комори, амбасади и претставништва во странство.

Министерот Вестервеле е уверен дека неговите службеници веќе порачале голем број примероци, оти тоа била добра реклама за Германија. Со лесна иронија, тој вели: „Верувајте ми, имаше живот и пред мобилните телефони и е-книги“. Печатена книга в рака секогаш е посебно доживување. „Да покажеме во светот еден убав дел од Германија“, рече министерот.

Ремек-дела на занаетчиската умешност

Меѓу гостите таа вечер имаше 21 новинар од странство - од Кина, Саудиска Арабија или од САД. Тие претходните денови посетија некои германски мануфактури и добија впечаток за квалитетот на германската рачна работа. На вечерата украс на масите беа чиниите на порцеланските мануфактури Диберн и Фирстенберг. Звуците на музиката доаѓаа преку звучниците на мануфактурата Бурместер и се занаетчиско ремек-дело, меѓу најдоброто во таа категорија што може да се најде на пазарот во светот.

Автор: Мануела Каспер Клериџ/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска