1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Маневрите за вразумување на Пјонгјанг почнаа

САД и Јужна Кореја денеска (25.07.2010) ги започнаа најавените поморски вежби. Режимот на Северна Кореја се закани со против мерки, истакнувајќи дека вежбите ја загрозуваат безбедноста на Корејскиот полуостров.

default

Американски и јужнокорејски бродови ги изведуваат маневрите во Јапонското море

Иако Пјонгјанг се закануваше со воен одговор, се’ до употреба на атомско оружје, бидејќи маневрите ги доживува како загрозување на сопствената безбедност, околу 20 брода, 200 воени авиони и вкупно 8.000 војници на САД и Јужна Кореја утрината ги започнаа заедничките вежби во Јапонското море. Тие треба да траат се’ до вторник, а најавени се и нови во брзо време.

Во поморските вежби на американските и јужно-корејските сили е вклучен и носачот на авиони „Џорџ Вашингтон“. На американските воени бродови од составот на Седмата флота им се приклучија рано изутрина и јужно-корејски бродови, како и борбени авиони.

Пјонгјанг се заканува со света одмаздничка војна

Тридневните маневри се одржуваат на истокот од Корејскиот полуостров, во Јапонското море. Првично беа најавени дека ќе се фокусираат на Жолтото море на западот од полуостровот, но поради безбедносните задршки на Кина, САД и Јужна Кореја се решија да ги преместат на другата страна.

USA Südkorea gemeinsames Manöver

Американски војници на носачот на авиони „Џорџ Вашингтон“

Вашингтон и Сеул во повеќе наврати нагласија дека станува збор за воени маневри од дефанзивен карактер, кои треба да извршат само заплашувачко влијание врз северно-корејскиот режим. Владата во Пјонг Јанг се закани дека е подготвена на „света одмаздничка војна“. Северно-корејската армија ќе одговори на маневрите со „нуклеарно заплашување“, порача гласноговорник на Националната комисија за одбрана. Тој исто така оцени дека поморските вежби се „отворена провокација за потчинување на Демократската Народна Република Кореја“.

Нови санкции за Северна Кореја

Состојбата на корејскиот полуостров е посебно затегната од крајот на март, кога беше потопен јужно-корејскиот воен брод „Чеонан“. Меѓународната истражна комисија утврди дека бродот потонал поради напад со торпедо од северно-корејска подморница. Портпарол на министерството за надворешни работи во Пјонг Јанг ги отфрли ваквите обвинувања и нагласи дека САД само се обидуваат на тој начин да ги оправдаат новите поморски маневри и санкции. Новите американски санкции треба да ја попречат северно-корејската трговија со оружје, која се протега на повеќе земји од југоисточна Азија, Јужна Европа и Блискиот исток. Израел ја обвинува Северна Кореја дека испорачува ракети за земјите во Блискиот исток, што ја загрозува безбедноста во регионот. Израел исто така тврди дека Северна Кореја ја снабдува шиитската Хизболах милиција со оружје, а на Сирија и Иран им помага при развојот на ракети.

Автор:ГЧ/СН/афпд

Редактор: Симе Недевски