1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мамутски процес

Во Франкфурт почна најголемиот цивилен процес во германската економска историја. 16 илјади тужители си ги бараат парите назад од Дојче Телеком. Процесот е нов терен за сите зашто збирни тужби во Германија не се можни.

default

Вработени во судот во Франкфурт ги транспортираат актите на тужителите

Тоа требаше да бидат вистински народни акции. Во март 2000 година тие уште вредеа 103,50 евра. Потоа работите тргнаа надолу. Тие што купуваа акции од третата емисија, по цена од 66,50 евра, две години подоцна загубија повеќе од две третини од вложените пари. Тогашниот шеф на Телеком, Рон Зомер, мораше да признае: „Без никакво разубавување на работите, движењето на курсот на нашите акции од пролетта 2000-та година, беше апсолутно незадоволително. Актуелната вредност на тие акции на никаков начин не ги отсликува првокласниот рејтинг и деловните успеси на нашето претпријатие.“

Најголем процес во историјата

Вложувачите, се всушност, самите одговорни за своите одлуки, па со самото тоа и за загубите на берзата. Но, кога Телеком во 2001 година вредноста на своите недвижности ја корегираше надолу и тоа за 2,5 милијарди евра, поднесувачите на тужбите тоа го видоа како аргумент кој би можел да се искористи пред суд, зашто тие, купувајќи акции се раководеле од првобитната проценка објавена во официјалните проспекти, а таа ги поттикнала на купување кое не се исплатело.

Нешто повеќе од 16 илјади поднесувачи на тужби бараат отштета од вкупно 80 милиони евра. 16 илјади поединечни судски процеси би го преоптоварило безнадежно германското правосудство. Поради тоа, во 2005 година е донесен закон со кој е овозможено, една или две тужби, во мноштво слични случаи, да се земат како типични и нивното решние да биде правосилно и за сите останати тужби. Еден од 900-тите адвокати на поднесувачите на тужби, Андреас Тилп, вели: „Такво нешто во Германија сеуште немало, особено не со толку многу поднесувачи на тужби. Судот ќе мора тоа некако да го реши, но никој не може да предвиди како.“

Тоа не го знае никој. Сигурно е само тоа дека ќе трае долго.