1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мамнун Хусеин е нов претседател на Пакистан

Мамнун Хусеин е избран за пакистански претседател, што се очекуваше пред денешното (30.07) изјаснување во парламентот. Тој ќе го замени на функцијата Асиф Али Зардари, вдовецот на убиената премиерка Бенaзир Буто.

Бизнисменот и поранешен гувернер на провинцијата Синд, Мамнун Хусеин, денеска е избран за претседател на Пакистан. Хусеин, кој беше кандидат на владејачката партија „Пакистанска муслиманска лига“ на премиерот Наваз Шариф, победи со големо мнозинство при гласањето во Долниот и Горниот дом на Парламентот на Пакистан, како и во парламентите на сите покраини на земјата.

Според Уставот на Пакистан, претседателот се избира за петгодишен мандат. Новиот претседател Хусеин ќе стапи на должност на 9 септември, кога истекува мандатот на сегашниот претседател Асиф Али Зардари. Единствен противкандидат на Хусеин беше Ваџихудин Ахмед, угледен поранешен судија во Врховниот суд на земјата. Ахмед беше кандидиран од страна на третата по големина партија во земјата, ПТИ на поранешната ѕвезда во крикет, Имран Кан. Но, неговите шанси да го наследи Асиф Али Зардари беа уште претходно оценети за многу мали.

Најважната опозициска партија, Пакистанската народна партија, на која и‘ припаѓа Зардари, го бојкотираше изборот. Причина е преместувањето на датумот на изборот од 6 август за денеска.

Овластувањата на пакистанскиот претседател во текот на уставната реформа се значително скратени. Тој сега има претежно репрезентативна улога.