1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Мама Африка“ замина во легендите

Со својата музика Мирјам Макеба се бореше против неправдата, расните поделби и апартхејдот. Затоа и го доби епитетот „Мама Африка“. Пејачката која стекна светска слава со хитот „Пата, пата“, почина на 76 годишна возраст.

default

Мирјам Макеба

„Кога ќе умрам...“, пееше музичката легенда од Јужна Африка, Мирјам Макеба уште пред десетина години. Но, сега вистински замина од овој свет. Почина од инфаркт кој го доби за време на концерт во Италија. Информацијата за смртта на жената којашто беше позната како „Мама Африка“, беше пред сите политички вести. Таа беше икона на црниот континент и личност која гласно се бореше за правата на Африканците и против расизмот и апартхедот. Еден нејзин обожавател вели дека таа сосем го заслужува името Мама Африка бидејќи таа ја одржувала африканската нација заедно. „Во тешките времиња беше светло на крајот од тунелот. Не смее да си замине, не смее да престане со она што го прави,“ вели овој млад човек. Многу вакви изјави се слушаа кога пред три години, Макеба најави дека, по половина век настапи, ќе се повлече од бината. Последно нешто беше светска турнеја, која ја започна во родниот град Јоханесбург, а помина низ уште четири континенти. На еден од концертите таа рече:„Во последно време, премногу се пишува и се зборува дека Мирјам Макеба ќе се откаже. Не ги слушајте. Тие само сакаат да кажат дека ова е првиот концерт од нејзината турнеја пред да се пензионира.“

Johannesburg

Јоханесбург, родниот град на Мирјам Макеба

Хитот „Пата, пата“ и донесе светска слава

Родена е во 1932 година во Јоханесбург. Во педесеттите години на минатиот век Макеба стана позната како џез пејачка и настапуваше со групи како Манхетен Брадрс и Скајларкс. Со нејзиниот хит “Пата, пата“ во 1960 година стана прва Африканка која се најде меѓу првите десет на американските топ листи и доби светска слава. Макеба постојано го креваше гласот против неправедниот режим на белците во нејзината татковина. Тоа најчесто го правеше преку песните. Во 1963 година настапи во ОН и побара бојкот против режимот на апартхејдот. Поради тоа и беше забрането да настапува во Јужна Африка. Беше приморана триесет години да живее во егзил. Поранешниот претседател на ЈАР, Нелсон Мендела, дури во 1990 година успеа да ја убеди да се врати во татковината. Претходно Макеба, живееше во САД работеше со ѕвезди како Хари Белафонте, пееше со Џемс Браун, Би Би Кинг и Пол Сајмон. Му пееше и на 45-от роденден на поранешниот американски претседател Џон Кенеди.

Miriam Makeba

Макеба за време на еден настап во 2006-та година

Желбата за пеење никогаш не ја напушти

Макеба имаше несреќен брак со протагонистот за правата на црнците, Стокли Кармајкел. Нејзината ќерка единица, Бонги,почина во 1985 година во егзил во Гвинеја. Но, и покрај ваквите настани, за среќа поривот за пеење никогаш не и се намали.

„Ќе престанам да пеам кога ќе ме носат на гробишта. Но, не сакам да ме закопаат. Сакам да ме кремираат и пепелта да ми ја растурат низ Индискиот океан, за да можам уште еднаш да појдам во сите земји во кои сум настапувала,“ рече во една пригода Макеба. Таа си замина засекогаш. Со Мирјам си замина голем лик од светската музичка сцена. Замина гласот на Африка.