1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мал зрак надеж за грчка влада

Малку зголемени надежи дека Грција ќе му стави крај на постизборниот ќорсокак, без нови избори. Денеска шефот на ПАСОК Евангелос Венизелос има средба и со лидерот на конзервативната Неа Демократија.

По предупредувањата на меѓународните партнери дека Атина мора да се држи до програмата за штедење или ќе излезе од еврозоната, лидерот на социјалистите Евангелос Венизелос излезе со охрабрувачки тонови. Откако го доби мандатот за составување влада, по откажувањата на првопласираната на изборите, Неа демократија, и второпласираната коалиција, СИРИЗА, шефот на ПАСОК Венизелос објави дека е обезбедена поддршка од партијата ДИМАР, која има 19 пратенички места. Овој чекор може да биде од клучно значење за обезбедување на потребното мнозинство за формирање на коалициона влада.

Венизелос по состанокот со лидерот на ДИМАР, Фотис Кувелис, рече дека тие двајца се многу блиски во своите погледи. Левичарот Кувелис сака широка коалиција што ќе ја задржи Грција во еврозоната и „да започне постепено повлекување“ од програмата за штедење до средината на 2014-та година. Венизелос рече дека тоа „речиси коинцидира“ со неговата позиција за тоа прашање.

ДИМАР може да биде предавник

Ако партијата на Кувелис му се приклучи на ПАСОК, како и првопласираната на изборите Неа демократија, која се обврза на заштита на мерките за штедење, тогаш таа коалиција би имала 168 од вкупно 300 места во грчкиот парламент. Но, партијата на Кувелис ризикува да биде прогласена за предавничка, ако им помогне на партиите кои се за политика на штедење да ја водат државата, а без притоа во владата да учествува второпласираната радикално лева коалиција СИРИЗА.

Griechenland Wahlen 2012 Linke Alexis Tsipras SYRIZA

Левичарскиот сојуз на Алексис Ципрас на нови избори би излегол засилен

Шефот на СИРИЗА Алексис Ципрас вчера им испрати писмо на лидерите од ЕУ во кое им укажува дека изборниот резултат ја оставил посветеноста на Грција кон програмата за спас без политички легитимитет. Тој забележува и дека кратењата не одговориле на проблемите на земјата, дека ја уништуваат економијата врзана за рецесија и претставуваат закана за создавање хуманитарна криза во Грција.

Новите избори ќе донесат поинаков резултат

Ако и третото доделување мандат пропадне, тогаш претседателот Каролос Папуљас ќе ги свика лидерите на партиите, за да се направи уште еден обид за постигнување договор. Во спротивно, за еден месец ќе се одржат нови избори. А, тоа ќе значи одложување на дополнителните мерки за штедење и на реформите. Ако земјата остане без пари, тоа ќе ја принуди да замине од еврозоната, да се врати на старата драхма и долги години да се соочува со мизерија.

Најновата анкета, објавена вчера вечер, покажува дека ако во Грција се распишат нови избори, тогаш победата ќе ја однесе коалицијата СИРИЗА, со речиси 28 проценти од гласовите, со што би добила 128 пратенички места. На изборите во неделата освои 52 места во парламентот. Неа демократија би освоила 57, а сега има 108 места, додека ПАСОК би освоил 36, со што би загубил пет пратенички места.