1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Малтретирањето треба да се казни

Европскиот Комитет за превенција на тортурата и нечовечно или понижувачко постапување или казнување (КПТ) на СЕ во извештајот за Македонија тврди дека во земјата има случаи на малтретирање лица лишени од слобода.

default

Дамка на досегашната добра соработка меѓу КПТ и Македонија оставија инцидентите со персоналот во Болницата за душевни болести во Демир Хисар, каде од делегацијата се криела употребата на синџири, како средство за контрола и ограничување. Во затворот Скопје, пак, делегацијата морала во два наврати да интервенира во рок од 48 часа поради недостаток на грижа за ранливите лица лишени од слобода. А, во затворот Идризово, одредени осудени лица биле изложени на одмазднички дејствија по нивната средба со делегацијата на КПТ.

Во извештајот, кој е резултат на посетата на КПТ на Македонија во 2006 година, се наведува дека повеќе лица, меѓу кои и малолетници при средбите со делегацијата на Комитетот за спречување на тортурата се пожалиле дека биле малтретирани од силите на редот, посебно од страна на припадниците на специјалната мобилна полициска единица, попозната под името „Алфа“.

Нулта толеранција за лошо постапување

Претставниците на Советот на Европа, уште еднаш подвлекуваат дека властите треба одлучно да упатат порака за нулта толеранција за лошо постапување со лицата лишени од слобода и истaта да ја зајакнат со изјава на соодветно политичко ниво. Покрај другото, Комитетот испрати и неколку препораки со цел да се зацврстат гаранциите против лошото постапување и за подобрување на ефиксаноста на процедурите.

Што се однесува до затворските установи, покрај констататцијата дека македонските затвори се претесни, делегацијата на КПТ при посетата на Македонија слушнала и одреден број уверливи наводи за лошо постапување со лицата лишени од слобода во затворите Идризово и Скопје (одделение за притвор). Наводите главно се состојат од тепање со пендреци од страна на сите затворски работници, како и удирање и клоцање, дури и удирање со дрвени палки и метални цевки.

КПТ препорачува да им се испрати јасна порака на вработените во затворските установи дека лошото постапување кон лицата лишени од слобода се неприфатливи и ќе бидат најстрого казнувани. Притоа посебно се инсистира на односот кон малолетниците лишени од слобода

Потребна е глобална стратегија за подобрување на ситуацијата

Општо земено, КПТ оценува дека раководењето, функционирањето, материјалната опременост и здраствената заштита во македонските затвори не е на задоволувачко ниво. Затоа е побарано од македонските власти да изработат глобална стратегија за надминување на ситуацијата.

Ако во моментот на посетата КПТ забележал значајни реформи во областа на менталното здравје и психијатриското лекување, делегацијата добила бројни наводи за лошо постапување кон пациентите во психијатриската болница во Демир Хисар и за нејзините лоши материјални услови .

Што се однесува до Специјалниот завод во Демир Капија, КПТ забележа извесни подобрувања, но сепак останува загриженоста од недостигот на персонал и насилството меѓу згрижените лица.

Во одговорот на извештајот, македонските власти се повикуваат на инструкциите испратени до сите полициски станици за нивниот однос кон лицата лишени од слобода и нивните права, исто како и информација за плановите за подобрување и проширување на затворските установи. Владата го наведува и новиот закон за ментално здравје и дека во болницата во Демир Хисар е напуштена практиката пациентите да се врзуваат со синџири.

Делегација на КПТ кон крајот на 2007 повторно беше во Македонија, за да се увери дека се напредува во оваа област.