1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Малку надеж за Палестинците

Кога Барак Обама стана претседател, кај Палестинците се роди надеж за можен нов курс на САД кон Блискиот исток. Oд оваа надеж не остана многу. Денеска во Вашингтон, Обама разговара со израелскиот премиер Нетанјаху.

default

Претседателите на САД и на Палестинците, Барак Обама и Махмуд Абас

Американскиот претставник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел, веќе неколкупати го посети регионот, меѓутоа не се забележа напредок. Израелците и Палестинците ниту еднаш досега не седнале официјално на заедничка маса. Понеделничката средба на министерот за одбрана Ехуд Барак и премиерот на палестинската автономна област на Западниот брег Салам Фајад, повеќе имаше за цел да се постигне поволна клима за претстојниот разговор меѓу претседателот Обама и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

За Барак Обама се чини дека е веќе на половина пат до успехот. На неодамнешната средба со саудискиот крал Абдула, тој зборуваше дека постои мир на Блискиот исток, но ја потенцира разликата меѓу Израелците и Палестинците:

„Дискутиравме за мировниот процес на Блискиот исток и за неопходноста да направиме јасен и храбар напредок за да се обезбедат палестинска татковина кој може да живее покрај сигурна и просперитетна израелска држава.“

Абас подготвен за преговори, Израел не

Татковина за едните, просперитетна држава за другите. Израелскиот премиер одеднаш се заинтересира за директни преговори, иако само поради желбата да го отстрани негативниот впечаток што го остави неговата влада во јавноста: Појасот Газа и натаму е блокиран; на Западниот брег се` уште оперираат израелски воени сили, а граѓаните се малтретираат при улични контроли. Освен тоа, се најавуваат и подготовки за повторна масивна изградба на еврејски населби на Западниот брег веднаш по истекот на десетмесечната градежна забрана која беше издејствувана од страна на САД.

Barack Obama mit Benjamin Netanyahu und Mahmoud Abbas Flash-Galerie

Тројната средба Обама - Нетанјаху - Абас минатата година беше само од симболично значење

Палестинскиот претседател Махмуд Абас, од друга страна, е одамна подготвен за директни преговори и разумен компромис со што наидува на поддршка во странство, како на пример, во институтот „Брукингс“, мошне важна тинк-тенк организација од Вашингтон:

„Во ред, ајде да разговараме! Ние се` уште велиме ’границата од 1967 год.’ Впрочем, целиот свет зборува за неа, но со извесни корекции и размена на територии. Во ред, се согласуваме! Безбедност!? И за тоа ќе дадеме гаранции; за десет, дваесет години или за период колкав што сакате вие, само да им овозможиме на Израелците да се чувствуваат сигурно во своите граници. Што уште треба да направам?“

Палестинците сакаат да припаѓаат некаде

Во Ерусалим нема интерес за вакви нешта. Напротив, министерот за надворешни работи Авгидор Либерман, претставник на крутиот десничарски курс, на средбата со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, изјави дека нема изгледи за создавање палестинска држава пред крајот на 2011 година.

Либерман уште отсега е во потрага по средства и начини да се избегне овој термин без да се смени нешто, и тоа со премолчено одобрение на Вашингтон и на другите држави од Западот. Единствено при блокадата на појасот Газа имаше протестна реакција од политичките кругови, меѓу кои и од Берлин. Во основа, кога станува збор за проблемот на Палестина, никој не знае како да дејствува и покрај уверувањата на Махмуд Абас дека е подготвен за мирен соживот:

Hamas feiert Jahrestag und kündigt Überraschung an

Радикалната организација Хамас не ја засегаат многу мировните преговори

„Можеме да соработуваме и да постигнеме се`. Заинтересирани сме за тоа. Сакаме да сториме нешто, зашто сакаме да има мир во регионот. Сакаме да живееме. Страдавме преку 62 години. Сакам моите внуци да живеат во мир, да чувствуваат дека припаѓаат некаде. До ден денес ние не припаѓаме никаде. Сакаме да ја имаме оваа држава - 22% од цела Палестина. Го прифаќаме тоа.“

На Хамас му одговара конфликтот да продолжи

Се‘ додека не се сфатат сериозно таквите уверувања и не бидат јасно поддржани, особено од Америка, ситуацијата и натаму ќе биде во полза на радикалите. Палестинците се` уште се не само географски, туку и идеолошки поделени меѓу Западниот Брег и Појасот Газа, меѓу Фатах на Махмуд Абас, кој е подготвен за мир и исламистичкиот Хамас. Со секој неуспех во мировниот процес, Хамас добива и се зајакнува со неспособноста на меѓународниот фактор за решавање на проблемот. А Хамас нема рецепт за мир, туку сака конфликтот да се продолжи и да се продлабочи, како што впрочем изјави и Махмуд Азар, еден од водачите на Хамас, во интервју за либанската телевизија „future-tv“:

„Ја ослободивме Газа, но се откажавме од нашата земја која беше окупирана во 1948 год. Бараме ослободување на Западниот брег и основање на палестинска држава во Западниот брег и Газа, со Ерусалим како главен град. Но, без да биде признаена. Тоа е клучот за решението.“

Автор: Петер Филип / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска