1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Малку надеж за грчката економија

Грчката влада е полна со оптимизам за економската состојба. Но, водечките грчки менаџери се песимисти. Дали државните претставници се само полни со надеж или навистина се гледа крај на кризата?

Грчките и меѓународните компании ги претставија своите најнови производи на Саемот за храна и пијалоци во близина на аеродромот во Атина. Во модерната хала, штандовите се модерни и добро посетени. Делува како и во сите поголеми саемски сали низ Европа. Но, каде е кризата во која западна Грција во 2008. година?

Дното е достигнато, вели Атанасиос Сијанос, сопственик на пиварата Хеленик. Тој е скептичен во однос на позитивните вести кои ги шири грчката влада за новиот „економски бум“.

„Не очекувам набрзо да стане подобро, но не мислам ни дека ќе биде многу полошо“, вели пиварот кој е школуван во Германија.

Неговата фирма добро ја мина кризата. Пазарот на пиво, за разлика од многу други, не доживеа крах. Напротив, Грците повеќе се свртеа кон домашните видови пиво, наместо странските кои ги произведуваат белгиските и холандските концерни.

Athanasios Syianos

Атанасиос Сијанос

„Шокирани од кризата, потрошувачите ги сменија навиките. Почнаа да бараат грчки производи“, вели Сијанос, кој е и претседател на Грчко-германската трговска комора.

Тој гледа двоен проблем за грчките фирми. Најпрво, државата ги зголемува давачките поради кризата, и второ: банките не нудат доволно кредити. „Нефункционалниот банкарски систем е најголемиот проблем во моментов. Не добиваме пари за инвестиции“, вели Сијанос. За да добие кредит, тој морал да бара гаранции од странски фондации. Грчките банки едноставно не му давале пари.

Бездомници и народни кујни

По шест години од почетокот на кризата, кај луѓето се јавува зрак надеж, тврди Јан Хибел, новинар кој веќе 20 години пишува за единствениот весник на германски јазик во Грција, „Грихенланд цајтунг“.

„На улиците можете да видите повеќе луѓе кои купуваат. Продавниците полека повторно се полнат. Се разбира, не се купува сѐ и сешто - најпрво се проверуваат цените“, вели Хибел.

Економската криза имаше катастрофални последици за бројни семејства. Невработеноста достигна 27 проценти. Низ градовите сѐ почесто се гледаат бездомници. Дури и во богатите населби никнаа народни кујни.

„Сиромаштијата расте во општеството“, вели Христос Кациулис, раководител на канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт во Атина. Правото на помош за невработеност и здравственото осигурување се губат по 12 месеци без работа. Потоа, државата не обезбедува никаква социјална сигурност.

„Овие семејства зависат од поддршката на нивните роднини и соседи. Во спротивно остануваат сами на себе. Тоа го зголеми јазот меѓу богатите и сиромашните“, вели Кациулис.

Расположението меѓу граѓаните е умерено песимистично, дополнува тој, објаснувајќи дека малкумина веруваат во владините и медиумски најави оти доаѓа економски бум.

За реформите е потребно време

Грчката влада сака да креира стотици илјади работни места со помош на програмите на ЕУ. Но, ваквите проекти воопшто не се ни започнати. За реформите е потребно време, а главните кочничари не секогаш се бирократите, вели Кациулис.

Christos Katsioulis

Христос Кациулис

Даночната администрација, на пример, сѐ уште е во катастрофална состојба, вели бизнисмен кој инсистира на анонимност. Плаќањето мито за помал данок или за да се избегне контрола е вообичаена појава. Тој тоа го доживеал повеќепати. Грчкиот министер за јавна администрација Кирјакос Мицотакис искрено признава дека даночните измами и корупцијата се вообичаени. Ќе бидат потребни години за тоа да се спречи, вели Мицотакис.

Новинарот Јан Хибел се согласува. „Ќе биде потребно време за да се сменат навиките на луѓето, додека сите станат свесни дека и за граѓаните е добро кога сите плаќаат даноци. Во последниве 25 години стана вистински спорт да се избегнува плаќањето даноци во Грција“.