1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Малку надежи на климатскиот самит во Канкун

Животната средина на планетата е во опасност и колку подолго се чека, толку цената која ќе треба да се плати ќе биде поголема, порача генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун на климатската конференција во Канкун.

default

Бан Ки Мун на конференцијата во Канкун

Напорите на меѓународната заедница да се спречи климатското затоплување на планетата се „недоволни“, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Тој ги повика владите да преземат сериозни чекори за намалување на глобалното затоплување, предупредувајќи дека во спротивно цената ќе биде висока и економски и еколошки и мерена во човечки животи.

„Нам не ни е потребен конечен договор за сите прашања, но потребен ни е напредок на сите фронтови. Не можеме да дозволиме перфекцијата да биде непријател на доброто“, порача Бан на конференцијата која собра претставници од повеќе од 190 земји.

Bundesumweltminister Norbert Röttgen März 2010

Германскиот министер за екологија Норберт Ретген

Оптимизмот е мал дека може да се постигне договор за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата до петок, кога завршува конференцијата. Најголемите несогласувања се однесуваат на дилемите, дали да се продолжи важењето на Протоколот од Кјото, и што се’ треба да опфаќа евентуалната нова глобална рамка за борба против климатските промени.

„Се работи за тешки преговори и нема гаранции дека ќе се постигне договор. Но, јас верувам дека договор е можен и дека се можни конкретни чекори за подобрување на меѓународната заштита на климата“, изјави германскиот министер за екологија, Норберт Ретген. Надежта е дека самитот во Канкун ќе донесе барем мал напредок во разговорите, по големиот неуспех на самитот во Копенхаген во 2009-та, каде за климата дискутираа светските лидери.

Според првиот човек на светската организација, можно е да се постигне договор за нови механизми за намалување на уништувањето на шумите и да се подобрат техничката соработка и програмите за помош на сиромашните земји во борбата против ефектите од глобалното затоплување.

Судирот меѓу богатите и сиромашните се подлабок

Cancun Klimakonferenz 2010

Активисти за заштита на климата демонстрираат за време на конференцијата во Канкун

Сепак, токму судирот на релацијата меѓу богатите и земјите во развој, слично како и во Копенхаген, ги намалува шансите за успех. Јапонија го предводи блокот земји кои одбиваат нов договор се’ додека САД и Кина, најголеми светски загадувачи, не се согласат да учествуваат во него. Кина бара индустриски развиените земји да потпишат посебен договор со кој ќе се обврзат на дополнително намалување на штетните емисии, па дури потоа би прифатила обврзувачка резолуција со која и таа би била опфатена. САД го отфрлаат ваквото барање со образложение дека Кина би останала единствената светска држава каде намалувањето на емисиите на штетни гасови би било оставено на добрата волја на Пекинг.

Земјите во развој, како Боливија, апелираа до богатите да ги намалат емисиите на штетни гасови, додека премиерот на Етиопија од името на африканскиот континент апелираше дека со секој загубен ден, безброј Африканци ги губат животите.

На собирот беа претставени и новите извештаи кои укажуваат на очигледните проблеми поради промената на климата. Регионот околу Хималаите, на пример, ќе биде најпогоден од загревањето, а топењето на глечерите ќе има сериозни последици врз населението во Индија, Пакистан и Кина.

Автор: БГ/ГЧ/дв/дпа/ројтерс

Редактор: Симе Недевски