1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Малку етика, премногу црковна иконографија

Повеќе од десет години во српските училишта може факултативно да се изучува веронаука. Дебатата дали е тоа потребно или не, трае до денес.

Од ноември 2001 година Србија во училиштата воведе веронаука како факултативен предмет. Тоа беше во времето на владата на Зоран Ѓинѓиќ. Во исто време како алтернативен предмет на веронауката беше воведено и граѓанското воспитување. Кратко потоа голем број невладини организации и стручњаци го свртеа вниманието дека воведувањето на веронауката се коси со српскиот устав и предупредија дека постoи можност за дискриминација на децата врз основа на конфесионалната определба. Таа дебата за и против веронауката практично е отворена до денес. Според некои податоци, во Србија околу 500.000 ученици посетуваат веронаука во училиштата.

Српската православна црква, по повеќе од десет години од воведување на предметот, официјално вели дека е задоволна со приемот на веронауката во училиштата кај децата и кај родителите, изјави за ДВ верскиот аналитичар Живица Туциќ. Меѓутоа, кога станува збор за самите вероучители и нивните искуства, мислењата се поделени. „Тие во повеќето случаи имаат забелешки, или би сакале програмата да биде поинаква. Учебниците, ми се чини, не се во тек со времето. Слушнав дека постојат и епархиски учебници, а не само учебници на ниво на црквата. Мој впечаток е дека недоволно и‘ се придава значење на етиката“, истакнува Туциќ.

Неуспешен проект?

Symbolbild Religionsunterricht Serbien Orthodoxe Kirche

Црквата Св. Сава

Воведувањето на веронаука во Србија беше проследено со редица проблеми, оценува за ДВ Мирко Ѓорѓевиќ, социолог по религија. Децата по воведувањето на веронауката почнаа да се препознаваат по верска припадност, што доведе до проблеми во мешаните средини. Постои и проблемот со наставниот кадар и учебниците. Согласно со тоа, без оглед на позитивните оценки кои стигнуваат од верските институции, се чини дека проектот за воведување на веронаука не успеа во целост, вели Ѓорѓевиќ.

„Од време на време се покажува дека опаѓа бројот на ученици, а да не зборуваме за многу други важни проблеми. На пример, системот на граѓанско воспитување има содржини кои се неспоиви во црковно-теолошката концепција и обратно, мислам на Дарвиновата теорија, настанувањето на човекот итн. Накусо, постои цела низа отворени прашања, а некои дури велат, и мислам дека не грешат многу, дека сите прашања во врска со веронауката се отворени. Тоа практично значи дека не е најдено најдоброто решение во смисла на педагошко воспитно-образовен модел“.

Верска и политичка индоктринација

Противниците на веронауката сметаат дека за неа нема место во училиштата во една секуларна држава, што беше проследено со голем број петиции. Една од забелешките беше дека децата наместо да добиваат настава по религија, ќе бидат изложени на верска индоктринација, со што се согласува и социологот Ѓорѓевиќ.

„Веронауката сега служи не само за религиска индоктринација, туку и за религиско-национално-политичка индоктринација. Истовремено, не е прифатено решението, кое беше најдобро, во граѓанските училишта да биде предмет во рамките на социолошките дисциплини, историја и теорија на религијата, со оглед на тоа што има повеќе религиски кругови и конфесионални одредби. Така што, за тој проблем не се дебатира доволно“.

Веронаука и секуларизам

Живица Туциќ сепак смета дека бројните расправи на тема веронаука и нејзиното место во училиштата ги следат и голем број несоодветни забелешки.

„Веронауката нема врска со секуларизмот на една држава. Да ја земеме Германија на пример - и тоа е секуларна држава, па има веронаука. И овде во Србија постојат некои милитантни атеисти кои би сакале апсолутно никаде да ги нема човечките верски чувства. Значи сакаат да го затворат тоа во душата, да го затворат во верски храм, но тоа не е во ред. Дискусијата овде не е доволно аргументирана и воопшто не е толерантна, со што се гледа дека немаме вистинска култура за дијалог. Така што сите оние кои беа за веронаука како предмет се најдоа во дефанзива и мораа да се бранат зошто ни е тоа потребно. Тогаш би требало да се праша цела Европа или на друго место зошто ним тоа им беше потребно.“