1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мали чекори наместо еврообврзници

Очекувањата од мини самитот беа големи. Но, она што произлезе од средбата Меркел- Саркози е повеќе скудно. За тоа има причини - смета Бернд Ригерт од економската редакција на ДВ во својот коментар.

default

Германската канцеларка и францускиот претседател ги застапуваат двете најважни држави во евро-зоната, монетарната унија од 17 држави. Нивните зборови имаат тежина. Хипернервозните финансиски пазари чекаат на секој, дури и мал знак. Само неколку денови по драматичните загуби на курсевите на берзите и шпекулациите против Шпанија, Италија и Франција, беспомошното водечко дуо се сретна за да пронајде нови мерки против кризата, да ја поврати довербата и по малку да демонстрира и лидерство.

Нивната средба, која не требаше буквално да биде сфатена како кризен самит, не беше под среќна ѕвезда. Токму вчера беше објавено дека германското стопанство драстично го загуби полетот. Француската економија стагнира. Доколку евро-зоната повторно падне во рецесија, должничката криза уште еднаш ќе се заостри. Што можат да направат во ваква ситуација еден германски канцелар и француски претседател, со оглед на тоа што очекувањата овојпат беа неверојатно големи? Толку високи што резултатот може само да разочара.

Deutsche Welle ZPR Bernd Riegert

Бернд Ригерт

Меркел и Саркози немаат да понудат патент рецепти, туку со мали варијации го повторија она што веќе го усвоија на јулскиот самит за еврото. Инструментите на евро-зоната за подигање на кредити за земјите должнички ќе бидат проширени. Економската и финансиска политика треба подобро да биде координирана, буџетите консолидирани. Државите на еврото ќе формираат нов работен круг со редовни средби и претседател. Сите држави на еврото се обврзуваат, на национално ниво законски за ја утврдат границата за нови задолжувања. И тоа е тоа.

Европските обврзници канцеларката и претседателот и натаму ги отфрлаат. Некогаш, на крајот на европскиот интегративен процес би можело да бидат воведени, но не сега среде криза, вели Саркози. Јасен став, кој нема многу да им се допадне на финансиските пазари.

За европските обврзници, кои наводно ги сакаат пазарите, во Германија се водат жестоки дискусии, дури и меѓу владините партнери. Министрите за финансии и за економија ги одбиваат, шефот на опозицијата се залага за нив. Експерите за финансии не се единствени во ставот, дали европските обврзници се добри или лоши за надминуавње на кризата. Дали ќе предизвикаат зголемени давачки за Германија или ќе претставуваа вистинско, долгорочно решение за должничката криза? Никој со сигурност не може да каже. Одлучувачка е проценката на Дојче банк, која уште во јули смело седеше на преговарачката маса во Брисел и соодлучуваше. Шеф-економот на Дојче банк ги смета еврообврзниците за лоши. Засега да му веруваме, оти и неговата банка се оддржува во живот со одлуките на политичарите од евро-зоната.

Автор на коментарот: Бернд Ригерт

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев