1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мали на дневен ред во ОН

Советот за безбедност на ОН на вонредна седница ја разгледува ситуацијата во Мали. На дневен ред е воениот ангажман на Франција, но и натамошни чекори кон стабилизирање на западноафриканската земја.

Состанокот на Советот за безбедност на ОН денеска (14.01) е свикан на иницијатива на Франција, соопшти портпаролот на француската мисија во ОН преку Твитер. Париз минатата недела, на барање на владата на Мали, испрати во западноафриканската земја околу 400 војници и воени авиони. Од петокот (11.01) француските војници воено интервенираат на страната на домашната армија против исламистичките бунтовници. Тие досега беа активни пред се‘ во северниот дел од државата, но во последно време преземаат акции и во јужниот дел - пред неколку дена го зазедоа стратешки важниот град Кона.

ОН првично предупредија од прерана интервенција. Но, по продорот на исламистите кон југ, специјалниот пратеник на ОН за регионот, Романо Проди, ја оправда интервенцијата на Франција во Мали. Париз се ангажираше врз основа на широка согласност, изјави Проди за весникот „Ди Велт“. Меѓународната заедница ја поддржува мисијата, поради „стравот од исламистите кој сите го споделуваат“, изјави екс-еврокомесарот и поранешен италијански премиер.

Француската воена мисија во меѓувреме наидува на се‘ поголема меѓународна поддршка. САД ќе стават на располагање информации на тајните служби и логистика, најави францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус синоќа за радио РТЛ. И Велика Британија, Данска и други европски држави ветија поддршка. Африканските соседи на Мали, Нигер, Буркина Фасо, Сенегал и Нигерија, во саботата решија да испратат свои војници во Мали.

Германската влада, напротив, досега одбива воен ангажман во Мали. Испраќањето воени трупи за Германија не е тема на дебата, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Тоа што Франција одговори на повикот за помош од Мали, според Вестервеле, меѓутоа е исправно. Слично се изјасни и министерот за одбрана Томас де Мезие. Мисијата е консеквентна и правилна, Франција ја има полната политичка поддршка од Греманија, изјави тој за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Опозицијата во Германија пак, побара од владата да ја поддржи француската воена интервенција и со дела.

Mali Frankreich Konflikt Militäreinsatz Hollande Rede Elysee Palast

Франсоа Оланд најави продолжување на акцијата во Мали

Франција, која порано беше колонијална власт во Мали, ги нападна позициите и конвоите на исламистите во Кона од соседниот Чад. Кратко потоа воените сили на Мали успеаја да ја вратат контролата над градот. Француските војници ја проширија воената акција и врз регионалниот главен град Гоа. Францускиот претседател Франсоа Оланд во саботата изјави дека напредувањето на бунтовниците е запрено, но акцијата продолжува и натаму.

Западноафриканската земја по воениот пуч во март лани, западна во политички хаос. Исламистичката група Ансар Дине ја презеде контролата врз северниот дел од Мали, воспоставувајќи исламистички шеријатски правен систем. Ансар Дине е блиска до терористичката мрежа Ал Каеда. Затоа, меѓународната заедница стравува дека Мали може да стане прибежиште за терористите на Ал Каеда и други исламистички борци.