1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Малите и средни претпријатија се столбот на германското стопанство

Големите фирми како „Сименс“ или Дајмлер“ се познати ширум светот. Меѓутоа, вистинскиот столб на германското стопанство се малите и средни претпријатија. Едно од нив е фирмата „ЦЕС“.

default

Бравите што се произведуваат во „ЦЕС“ се компликувани

Фирмата „ЦЕС“ е средно претпријатие од Фелберт, во покраината Северна Рајна Вестфалија. Таа има 400 вработени и е една од водечките на светскиот пазар во областа на безбедносните брави. На провалниците не треба да им се остави никаква шанса. Затоа безбедносните брави што се произведуваат во фирмата „ЦЕС“ се многу компликувани: „Секој цилиндер за заклучување мора одново да се пресмета. Овој колега, на пример, во моментов ги става елементите во куќиштето. Сите варијанти и машини што ги имаме овде работат со толеранција од плус минус две стотинки од милиметар. На една страна може да има дури и до 75 заштитни елементи за заклучување.“

Со ваквите безбедносни системи за заклучување може да се спречат дури 90 проценти од провалите, смета Ролф Зотнер, раководител во одделот за машинско производство во фирмата „ЦЕС“, еден од водечките меѓународни производители на брави за врати. ЦЕС е кратенка за Карл Едуард Шулте, кој ја основал фирмата пред 140 години. И во шестата генерација по него, фирмата произведува високо квалитетни и многу добри безбедносни брави што речиси не може да се провалат. Освен тоа, бравите се барани ширум светот. „Механичкиот клуч е носител на информации, во смисол на вдлабнатини и профил. Овие информации се меморирани на механичкиот клуч. Рачното отворање на вратата и идентификацијата се приклучени кон безбедносниот аспект и развиена е цилиндерска брава“, објаснува раководителот на фирмата „ЦЕС“, Екхарт Лептин.

Искуството се стекнува со долгогодишна работа

CES Sicherheitsschließanlagen Leiter Werkzeugbau Sodtner

Ролф Зотнер, раководител во одделот за машинско производство во фирмата „ЦЕС“

Со децениското работење фирмата го стекна потребното знаење, така што дури и желбите на муштериите со високи побарувања може да се задоволат.

„Во Германија сме особено горди на нашиот Рајхстаг, зградата на парламентот. Меѓутоа, мора да се каже дека Рајхстагот не е само оваа популарна зграда......туку зад неа се крие сета администрација. Во Берлин има околу 30 различни згради на администрацијата, кои функционираат со еден генерален клуч. Освен тоа, во владиниот кварт има и други министерства, што исто така сме ги опремиле со безбедносни брави. Нашите брави се вгардени и во кабинетот на канцеларката Меркел“, вели Лептин.

За фирмата „ЦЕС“ прецизноста и дискрецијата се еднакво важни. Така на пример, во највисокиот хотел во светот - Бурј во Дубаи, се вградени околу 2.500 безбедносни цилиндри. „Ние имаме претставници на лице место, кои земаат мерка и ги разгледуваат деталите во просториите. Потоа, тие таканаречениот план за затворање ни‘ го испраќаат директно во фирмата за да може да ги изготвиме соодветните производи.“

Големата тајна на малата фирма

Deutschland Wirtschaft Kursrutsch an der Frankfurter Börse

Малите и средни претпријатија го сочинуваат поголемиот дел од вкупниот број претпријатија во Германија

Повеќе од ова раководителот Лептин не кажува. Тајна е секако и каков вид брава монтирала неговата фирма во Белата куќа во Москва, традициналното седиште на руската влада.

Фирмата „ЦЕС“ учествувала и во повторната изградба на познатата Фрауенкирхе во Дрезден. За време на реставрацијата најважно било да се сочуваат вратите од 18. век и да може добро да се заклучуваат. „Посебното кај оваа нарачка беше тоа што старите брави требаше да се заменат со нова технологија.“ Ваквата задача за одделот за квалитет во фирмата „ЦЕС“ не претставуваше никаков проблем. Тие и‘ помагаат на полицијата во случај на тешки и компликувани истраги. „Ние многу тесно соработуваме со криминалната полиција во областа на развојната технологија. Тие ни‘ испраќаат клучеви и брави, а ние треба да откриеме како бил извршен упад во куќата и дали тоа било на насилен, или илегален начин“, вели раководителот Лептин.

Инженерите во „ЦЕС“ се занимаваат со тоа криминалните дела да ги спречат со нови безбедносни концепти. На пример, со развојот на електронски брави. Но, додека оваа технологија стане секојдневие, квалитетните механички системи за затворање ги полнат касите на фирмата годишно со 400 милиони евра.

Автор: Клаус Дојзе / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска