1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Малиот Чавез“ чекори кон победа

Граѓаните на Венецуела денеска (14.04.2013) гласаат за нов претседател. Се’ говори дека ќе се исполни желбата на починатиот претседател Уго Чавез, на функцијата да биде избран неговиот посакуван наследник.

Пред последната терапија против ракот Уго Чавез порача дека доколку  не може да го продолжи политичкото делување, Венецуелците треба да го изберат Николас Мадуро за претседател. Изгледа дека желбата на „командантот“ ќе биде исполнета. Истражувачите на јавното мислење му предвидуваат на Мадуро убедлива победа на денешните претседателски избори. Во зависност од анкетите, Мадуро има помеѓу 10 и 20 проценти предност во однос на кадидатот на опозицијата Енрике Капријес.

„Се создава мит за Чавез“

Nicolas Maduro und Henrique Capriles (Bildcombo)

Николас Мадуро и противкандидатот Енрике Капријес

Тонот во изборната кампања беше груб. Како и неговиот идол Чавез, и Мадуро ја напаѓа опозицијата, го нарекува својот противник „маж со фашистичко лице“ или дури зборува за наводен смртоносен заговор на опозицијата против него. Гинтер Мајхолд од германската фондација„Наука и политика“ истакнува  дека на овие избори  всушност не се гласа за Мадуро, туку за Чавез.

„Од Чавез се создава мит, што е обид неговата смрт да се искористи за политички потреби. За секој противкандидат би било екстремно тешко да настапи против мртвиот Чавез.“

50-годишниот Николас Мадуро брзо напредувал во времето на Чавез. Бил возач на автобус и синдикалец, пред да премине во политика. Кога Чавез во 1992 година безуспешно се обиде со воен удар да дојде на власт, сопругата на Мадуро, Флорес, ги бранеше пучистите. Потоа брачната двојка се залагаше за предвремено ослободување на Чавез. Заедно со Чавез потоа ја основаа партијата Движење за петта република (Movimiento Quinta Republica), која во 1998 година победи на изборите. Чавез стана претседател, а Мадуро пратеник. Во 2006 година Мадуро дојде на местото шеф на венецуелската дипломатија, а во 2012 на местото претседател.

Чавизмот пред сериозни предизвици

Доколку победи, Мадуро ќе мора да се позанимава со проблемите на земјата: екстремно насилство во градовите, корупција и непотизам, висока инфлација, намалени приходи од нафтата.

Гинтер Мајхолд смета дека идниот претседател е пред тешки задачи: „Диригираната економска програма, менталитет кој се потпира на субвенции, социјална политика - се’ тоа веќе не може да се финансира.“

Мадуро, освен тоа, мора да го одржи заедништвото на владејачката партија. Мадуро е „за тоа напојгодниот“ човек, истакнува Мајхолд, кој сепак додава:

„Но дали е Мадуро способен интелектуално и политички да развие нова перспектива за чавизмот, во тоа сепак се сомневам.“

И по оваа изборна борба 30 милиони жители на Венецуела ќе останат длабоко поделени - на тврдокорни следбеници и огорчени противници на чавизмот.