1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мала проодност на големите пораки на Рикер

Дел од македонските политичари во односот на САД кон спорот за името повеќе препознаваат притисок насочен кон Македонија, отколку кон ирационалната политика на Грција.

Политичката јавност во Македонија не остана без одговор на пораките на Филип Рикер, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, кој на македонскиот државен врв му порача да го следи примерот на Косово и на Србија за решавање на горливите проблеми. Тој ги охрабри Македонија и Грција да го искористат моментот за да најдат решение за спорот со името и сугерираше дека за последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц треба да се отвори широка дебата и меѓу партиите и во јавноста.

Според поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, пораките за надминување на спорот за името се константа на американската дипломатија и не се ни нови, ни невообичаени. 

Aspen Konferenz

Антонио Милошоски

„Но, во Македонија преовладува чувство дека американската политика има асиметричен пристап во спорот за името - поголем притисок и очекувања од Македонија, а помал притисок и очекувања од Грција, што е несразмерно на улогите на двете земји во спорот. Македонија, со своето рационално однесување во изминатите две децении, не може да го надомести ирационалниот однос на Грција кон македонските интеграции. Ако работите беа рационални, Грција требаше да биде главниот адвокат за зачленување на Македонија во ЕУ. Голем парадокс е што Шведска, Финска или Литванија, кои се на 2.000 километри од нас, се позаинтересирани за македонската интеграција во ЕУ, отколку нашиот прв сосед. Грција игра на одолговлекување. Самата притаеност на грчката влада за предлогот на Нимиц не влева надеж дека препораките на Рикер ќе бидат остварливи во овој момент“, вели Милошоски.

Притисок за капитулација

Амбасадорот Ристо Никовски, пак, во посетата на Рикер гледа нов доказ дека целокупниот менаџмент околу името е во Вашингтон, исто како и за другите регионални проблеми, што се потврдило и со неговото присуство во Брисел, додека траеја преговорите Дачиќ–Тачи.

„Целта на неговиот престој е недвосмислено вршење максимален притисок Македонија да капитулира и да го прифати неприфатливото. Нивната постојана порака дека го подржуваат членството на Македонија во НАТО и ЕУ е лажна и празна, бидејќи не го кажуваат и условот кој токму тие го поставуваат - прво името, потоа членство. За таквата поддршка можеме веднаш да им заблагодариме и да ги замолиме да бидат против нашето зачленување. Иницијативата за некаква јавна дебата околу најновиот предлог на Нимиц, кој всушност е американски - бидејќи медијаторот е нивен поштар, е ново подметнување на кукавички јајца. Зошто ние јавно да дебатираме за нешто што е навредливо за нас и истовремено неприфатливо за Атина? Со тоа, единствено, би се промовирале американските настојувања за прекрстување на државата и народот“, категоричен е Никовски.

Спритивно на ова, Рамадан Рамадани, аналитичар од Нисма - Институтот за слободна мисла, гледа добронамерни пораки во изјавите на американскиот дипломат, но не и иницијатива на домашен план.  

„Вистина е дека исчекорот кој го направија Косово и Србија требаше да биде пример за нашите заложби, но гледаме дека тоа не се случува ни во овој одлучувачки месец за нашите евроинтеграции. Усложувањето на спорот со името, на односите со Бугарија, на меѓуетничките односи, но и ослабнувањето на демократскиот капацитет на државата, доведе до тоа овие збогувачки пораки, на крајот на мандатот на Филип Рикер, да останат само желби на еден дипломат кој има и личен однос кон Македонија“, вели Рамадани.

USA Philip Ricker in Mazedonien

Рикер - да се следи примерот на Косово и на Србија за решавање на горливите проблеми

Кој е следниот момент?

Грција од 1 јануари 2014 го презема претседавањето со ЕУ. Кој е следниот момент погоден за придвижување на разговорите за спорот за името? Според Милошоски, можност за исчекор има во второто полугодие од годинава. Во првото полугодие од 2014 Македонија ќе биде преокупирана со претседателски избори, па нова можност постои во второто полугодие. Никовски има поинаква прогноза.

„Се додека трае кризата во Грција, а тоа значи барем три до пет години, решение кое би се постигнало преку договор со Атина - воопшто не е возможно“, вели тој.

Амбасадорот Нано Ружин, кој штотуку се вратил од Брисел, за „Утрински весник“ изјави дека информациите што ги добил од таму се зачудувачки: „Македонија, наводно, ги одбила двата последни предлога од медијаторот Метју Нимиц, што е различно од малиот број вести што доаѓаат од преговорите за името“.

Дали Рикер мислел на тоа кога предложил да се отвори поширока јавна дебата? Засега никој нема одговор на ова прашање. Неофицијално, според последното испитување на јавното мислење нарачано од една амбасада во Скопје, без намера за јавно публикување на неговите резултати, во Македонија драматично бил намален процентот на граѓани кои веруваат дека некогаш ќе се реши грчко-македонскиот спор.