1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мала демократска револуција во Кувајт

Во емиратот за прв пат во парламентот се избрани жени. Mеѓу 50-те пратеници ќе има и 4 жени. Во таа конзервативно-муслиманска земја, жените имаат право на глас само од пред четири години.

default

Жените активно учествуваа и во предизборната кампања

Резултатот што го постигнаа жените - 4 освоени пратенички места, е подобар отколку што очекуваа набљудувачите. Една од победничките е Рола Дашти, деловна жена и активистка за правата на жените. Два дена пред изборите таа зборуваше зошто е важно конечно и жени да се најдат во парламентот:

„Тоа е продлабочување на демократизацијата, што и’ е потребно на земјава. Освен тоа, земјата има потреба и од искра на надеж. Жени во парламентот претставува нова надеж и почеток на промени“.

Wahlen Kuwait Dr. Asil Al Awadi feiert Sieg

Кувајтската политичарка Асил Ал Авади ја слави победата и влегувањето во парламентот

Жените конечно гласаа за жени

Навистина, во последната влада имаше две жени, но политиката и натаму е домен на мажите. Тоа сега се менува, смета Дашти, и тоа и дома, во кругот на семејството.

„Веќе и дискусиите - ќе гласам ли за неа или за него? - го покажуваат тоа. Досега жените беа исклучени од дебатата. Сега сепак учествуваат во тоа - дома и во јавниот живот“.

Право на глас жените добија дури во 2005 година, но на претходните избори во 2006 и 2008 сите жени-кандидатки доживеаја неуспех. Овој пат, очигледно, им успеа да се здобијат со доверба барем кај дел од избирачите, кои досега го одбиваа тоа - имено, токму кај жените. Хајла ал-Мекајми, политиколог на кувајтскиот универзитет, вели:

„Жените речиси и не гласаа за жени. Најголемата поддршка за кандидатките досега доаѓаше од мажи. Жените мораа напорно да се борат, за жени да им го дадат својот глас, оти избирачките во голема мера сметааа дека мажите, всушност, се попогодни за таа работа“.

Најдемократската земја во арапскиот свет?

BdT Wahlen in Kuwait

Жените гласаа и за жени на изборите

Тоа, според ал-Мекајми, доаѓа од преовладувачкото мислење дека пратеникот помалку треба да се грижи за целината, туку пред се’ за доброто на своето племе и својот изборен круг, и многу жени веруваат дека мажите се попогодни за таква улога. Едно строго религиозно сунитско движење пред изборите ги повика граѓаните да не ги избираат жените.

Но, токму религиозните се губитници на изборите, оти забележаа загуба на гласови. Тие досега се профилираа како бранители на широкоградиот кувајтски систем на добродетели и ги блокираа економските реформи. Но, се чини дека многумина избирачи сметаа дека на земјата и’ е потребна вистинска промена и дека веќе не може да се избегнат реформи.

Кувајтскиот парламент има право да им поставува прашања на министрите и да ги смени од должноста. Секој закон мора да добие согласност од парламентот. Со тоа е Кувајт можеби најдемократскиот владеачки систем во арапскиот свет.


Автор: Карстен Кинтоп/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина