1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Макрадули: Ќе го почитувам мислењето на граѓаните

Битката за градоначалник на Скопје е битка против Никола Груевски, смета кандидатот на СДСМ Јани Макрадули. Ако ја добие довербата на скопјани, ветува дека ќе го претвори главниот град во здрава и еколошка средина.

ДВ: Господине Макрадули, битката за градоначалничката функција во Скопје во вашата партија доби епитет на битка против Никола Груевски. Дали резултатот во Скопје е клучен за СДСМ?

Макрадули: 24 март е клучен за нас од аспект дека гласањето на граѓаните ќе биде и гласање во правецот во кој се движи Македонија. Скопје има посебна специфика затоа што никој во Македонија не верува дека ова што се случува во Скопје е одлука на градоначалникот туку сите знаеме дека тоа е политика на премиерот Груевски. Впрочем тој го промовираше проектот Скопје 2014 од централно ниво, а се сеќаваме на смешни ситуации кога градоначалникот на Центар или Скопје не знаеа дека ќе се гради на пример панорамско тркало, или некои други работи. Затоа гласот против Коце Трајановски е глас против Груевски, или гласот за мене е глас за заминување на централната власт.

Велите Скопје какво што го сакаат граѓаните. Зошто на скопјани им е потребен поинакво Скопје и какво Скопје вие нудите?

Ние гледаме веќе и од постерите дека не се почитува мислењето на граѓаните. На пример јас живеам во општина Центар и на постерите за кандидатот Тодоровиќ вели дека ова им се допаѓа на граѓаните на Центар. Мене не ми се допаѓа Тодоровиќ. Ниту пак ми се допаѓа што направи од градот. Тој постојано не го почитува мислењето на граѓаните, а и од посетрот ни наметнува друго мислење. Симболично можеби, но граѓаните на Скопје не се прашаа воопшто за она што се случува во градот. Граѓаните не се дел од случувањата и одлуките како ќе се развива Скопје. Затоа веднаш по промената на локалната самоуправа ќе ги стартувам таканаречените скопски дијалози во кои со граѓаните ќе одрдеуваме во која насока треба Скопје да оди. Во секоја општина ќе отвориме градски кварт, место во кое не само што услугите што ги нуди градот ќе бидат електронски достапни туку во него ќе доаѓаме да ги нудиме проектите за следната година. Битно е дека граѓаните сами ќе можат да ги изберат проектите што ќе бидат финансирани од градот. Затоа предлагам зградата на Водовод да биде пренаменета во еден дел на независен културен центар, а во друг дел на невладините организации кои што соработуваат со градот, за да можеме да го искористиме нивното знаење во одредена област. Граѓаните и преку нив ќе можат да ги пренесат своите барања и желби.

Brunnen mit Alexander dem Großen in Skopje

Макрадули: „Сите објекти кои што не се започнати ќе ги стопирам и ќе направиме анализа дали е тоа она што ни треба“

Има забелешки за начинот на кој ја водите кампањата. Позитивно ли е да се фокусирате повеќе на противникот, отколку на промоција на проекти?

Сите знаат дека во овој момент негативна кампања води само Никола Груевски. Ме изненадува што ја води на едно толку ниско ниво, едноставно немам збор. На пример да ги спомнува родителите на кандидатите, никои наши дека не би гласале, што повеќе зборува за Грција отколку за Македонија, ниско ниво. Јас секој ден промовирам еден нов проект и еден дел од мојата визија. За тоа не користам јавни ресурси и фондови бидејќи ги немаме ние од опозицијата, така што тоа е прашање за другата адреса.

Што реално остварливо им нудите како проекти на скопјани?

Прво ќе се погрижам за здравата животна средина. Во доменот на градот веднаш ќе започнеме со изградба на ботанички градини на крововите за да го надоместиме хендикепот со зеленилото, ќе биде забранета каква било градба на Водно, ќе биде забранет сообраќај од средно Водно па нагоре, освен за автобуси исклучиво на електричен погон, ќе засадиме дрва и масовно ќе започнеме со гасификација и тоа најпрвин на објекти на градот и за тоа не треба да чекаме како што вели Владата да се приклучиме на некој Јужен поток или друг крак, бидејќи во овој момент постои прстен на ГА-МА кој може да се искористи. Со оглед на моето искуство тоа не е празно ветување, туку можам да го направам. Исто така ќе ги замениме сите градски светла во градот со економични светилки, со што ќе заштедиме 30% од сегашната цена што се плаќа за осветлување. Во првата година сите давачки и комуналии кон градот ќе бидат намалени за пет проценти. Како еден од трите проекти кои можат да ни помогнат е пешачката патека од Музејот на град Скопје до Старата чаршија. Сообраќајните анализи покажуваат дека вие не можете да го решите сообраќајниот метеж, ако по патот имате семафори или пешачки премини. Значи мораме да се решиме за решение на две нивоа. Тоа е решението за Скопје, ниту трамвај не може да го реши затоа што тој мора да застане на семафор. Таа пешачка патека од Музејот до Старата чаршија ќе биде прво знак на обединување и поврзување на плоштадот Македонија со плоштадот Карпошово востание кој е замислен како еден, што го поврзува Камениот мост. Исто така крупно решение ќе биде мост, кој одамна не сме го виделе во Скопје. На крајот на Илинденска ќе изградиме мост кон Влае односно Ѓорче Петров. Мојата програма е поглед кон иднината и во неа не ветувам ништо што не можам да го направам.

Каков ќе биде вашиот однос кон проектот Скопје 2014?

Имам изработено веб страница на која како дел од порталот на Град Скопје ќе биде комплетната анализа на сите проекти, анекси, договори поврзани со проектот Скопје 2014. Граѓаните треба да знаат каде им се парите, за што се потрошени и колку се потрошени. Второ, за најкрупните обележја ќе спроведеме референдум на кој граѓаните ќе можат да дадат мислење за одрдените објекти. Јас ќе инсистирам и ќе ги замолам граѓаните заедно да го тргнеме бродот од реката Вардар, да не се гради Панорамското тркало, да ги заштитиме врбите и да ги однесеме онаму каде што треба, а не како што се сега потонати во Вардар. Да ја преиспитаме одлуката што мисли човекот за намерата на Субрата Рој да гради на плоштадот. Значи сите објекти кои што не се започнати ќе ги стопирам и ќе направиме анализа дали е тоа она што ни треба. Ќе ги запреме сите непродуктивни проекти, а ќе се обидеме да ги хуманизираме оние простори околу некои постојни објекти.

Дали доколку не бидете избран за градоначалник на Скопје ќе се вратите во Парламентот каде ќе продолжите да ја водите политичката битка?

Јас и како градоначалник на Скопје но и од поинаква позиција ќе направам се’ што е во моја моќ да замине оваа власт која не работи во интерес на граѓаните. Влегувам во оваа битка за да победам така што не размислувам за алтернативни патишта