1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Маките на странските работници на градилиштата во Сочи

Сочи моментно е најголемото градилиште во Европа. Златни времиња за градежните работници во Русија. Таму нон-стоп се ангажирани околу 80 илјади руски, плус десетина илјади странски работници. Нивниот живот не е лесен.

Забите му се искршени, поради што зборовите тешко му се разбираат, а погледот му е празен. Мардирос Демерчан веќе не е истиот - еден дел од него умрел во мај 2013. година, по случајот кој радикално го променил неговиот живот. Човекот од Абхазија, сепаратистичка провинција на Грузија, од пролетта 2013. работи на градилиштата во Сочи за Зимските олимписки игри.

Тој поставувал кабли за струја во објектите предвидени за сместување на полицајците и волонтерите и заработувал 1500 рубљи на ден, или околу 30 евра. За неквалификуваниот 38-годишен работник тоа е добра плата. Но, само по два месеци ја загубил работата. Неговиот работодавач како причина му навел - пребавен е при работата и затоа ќе добие само половина од договорените пари.

Но, тоа бил само почетокот на катастрофата. Таткото на четири деца, кој со жената со години живее во Сочи, бил пријавен за кражба - наводно крадел електричен кабел. Демерчан го негира обвинувањето и тврди дека е невин. Две недели по отказот, го викнале под некој изговор во магацинот. Таму бил пречекан од поранешните колеги-работници и некои непознати лица. Се поставило прашањето - кој крадел кабел од градилиштето? Кога Демерчан повторно негирал, добил лисици на рацете и бил однесен во полиција.

Sotschi

Мардирос Демерчан

Со боксерски ракавици на рацете

„Ме носеа во различни соби“, раскажува Демерчан. Тој бил седнат на столица. „Тогаш двајца полицајци ми се развикаа - некој од вас мора да ја признае вината“. А, потоа ставиле боксерски ракавици на рацете и почнале да го тепаат, по што тој се онесвестил. Но, тоа не бил крај на страдањата.

„Ме полеаја со ладна вода и ме освестија“, вели работникот. Потоа следеле повторно удари се‘ додека не бил ментално и физички на крај, по што му подметнале на потпис признание дека е крадец. Со мака успеал да го извести семејството за случајот, по што некако можеле да го пренесат во болница. Семејството на Дермечан претпоставува дека тој е сметан за странски работник, што било кобно препознавање.

Постојани болки и таблети

Дермечан до денес има последици од мачењето. Го боли ’рбетот, главата, речиси цел ден мора да биде таблети против болки, на работа не може ни да мисли. Неговиот случај го презел еден адвокат. Демерчан се надева дека оние кои му го направиле ова ќе ги стигне правдата. За Олимпијадата во Сочи сега не се интересира, бидејќи си има свои проблеми.

Слична судбина како Демерчан имаат повеќе странски работници во Сочи. Семјон Симонов од руската невладина организација за заштита на човековите права „Мемориал“ од јули 2012. година има свое биро во Сочи. Таа се грижи за проблемите на странските работници. На почетокот немала многу работа, бидејќи ретко некој занел за неа. Но, откако биле разделени флаери по градилиштата, работите се промениле.

Олимпијадата можеше да биде пресвртница

Во 2013. година „Мемориал“ имала 80 случаи во кои биле инволвирани 1.500 странски работници. До пред неколку години Симонов се надевал дека Олимпијадата во Сочи во основа ќе ја промени состојбата на странските работници.

„Ни ветија дека во Сочи со уапсените мигранти ќе се постапува според закон. Но, се случи токму спротивното. Имаме случаи на неисплатени плати, земени документи, дури и телесни повреди“, разочарано истакнува тој.

Sotschi

Семјон Симонов

Проблемите со странските работници во Русија свој корен имаат во непријателството кон нив што владее во земјата. Многумина Руси се големи патриоти, а кон странците владеат предрасуди. Притоа, руското општество е зависно од доселување. Во некои градови владее целосна вработеност. Русија се наоѓа пред голем демографски предизвик, слично како и Германија. Стапката на наталитет изнесува 1,5 деца, потврдуваат податоците од Светска банка.

„Русија не може без работници од странство. Секој поголем објект се гради со учество на странски работници“, вели Симонов. Градежниците радо сакаат да заштедат дел од трошоците, а посебно кај платите.

„Светскиот економски форум во Владивосток, Универзијадата во Казан или големите градилишта во Москва - насекаде има странски градежни работници“, вели Симонов.

Патем, случајот со Демерчан и‘ е познат и на организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“. Експертите неговата приказна ја сметаат за веродостојна. Таа е едно тажно поглавје во сенка на Зимските олимписки игри.