1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонци студираат теологија во Солун

Виктор Недески од Охрид студира на Теолошкиот факултет во Солун. Грците на почетокот биле љубопитни и изненадени од тоа од каде доаѓа, но тој не почувствувал доза на провокација и дискриминација затоа што е Македонец.

За Нова година и Божик Виктор (на фотографијата горе) е во родниот Охрид. Студира во Грција но иднината единствено ја гледа во Македонија. „Бесмислено е човек да замине од својата реалност да решава туѓи проблеми, а ги има во земјата во која се родил“, вели тој. Конкретно од теологијата посебен интерес кај него во текот на студиите предизвикала патрологијата – учењето на светите оци, иако и пастирското дело на црквата – свештеничкото за него е нешто многу возвишено и еден ден би го прифатил и тоа би го исполнувало. Сосема нормално, како за секој млад човек и Виктор го пронајдовме во едно кафуле на брегот крај езерото. Додека чекаме кафе со насмевка вели дека одамна навикнал луѓето да му го поставуваат прашањето зошто при мајка економист и татко познат ортопед тој студира теологија? „Уште како дете преку моето семејство кое беше длабоко навлезено во православната вера, го почитуваше и го негуваше духот на православието дојдов во допир со црковниот живот и мирисот на темјанот. По обновата на монаштвото во Македонија, особено во Бигорскиот манастир почнавме постепено семејно да го посетуваме. Така почна и моето духовно растење. Како средношколец во мене зрееше желбата за теологијата. Подоцна бев сигурен дека теологијата е мојот вистински избор.“ Среќата му се насмевнала. Игуменот на Бигорскиот манастир отец Партениј успеал да договори на Универзитетот „Аристотел“ во Солун да студираат Македонци. Така Виктор и неговиот пријател Антонио од Кичево со стипендија и благослов од МПЦ - ОА и надлежниот митрополитот Дебарско – кичевски господин Тимотеј пред пет години станале првите македонски студенти по теологија во Солун.

Како е да си Македонец во Солун ?

„Тоа што сме од Македонија уште по одењето таму направи да не останеме анонимни. Брзо се слушна, дојдоа двајца студенти - странци. Постоеше голема љубопитност – зошто, како? Ни поставуваа најразлични прашања, но немаше омаловажување или непријатни ситуации од страна на професорите или клирот на Грчката православна црква.“ Со оглед на тоа што ние сме во Солун да студираме теологија, а не народно кажано да „бистриме“ политика постојано беше форсирана идејата дека црквата е должна да не прими и да ни покаже љубов . Се случуваше со професорите да дискутираме за Македонија, каде е Македонија, дали постои или не македонски јазик? Ние си стоевме на нашиот став, професорите можеше да прифат нешто или не, но и покрај често различните ставови тоа апсолутно не влијаеше на ништо. Никогаш не бевме оштетени со оценка или со нешто друго затоа што сме од Македонија.“

Излегување на овој начин во светот, конкретно во Грција беше и е повеќе од потребно за да се разбијат одредени бариери кои постоеја и постојат, смета Виктор. „Проблем за непризнавањето на името и црквата е непознавањето на едни со други. Нашето присуство е доволен показател за работата на МПЦ – ОА како една здрава црковна организација која заслужува да биде дел од семејството од православните цркви. “ Токму двајцата студенти по теологија од Македонија и уште десеттината кои стигнаа во годините подоцна по нив сведочат за постоењето на МПЦ – ОА и темелите врз кои се гради таа.

Ќе го вратиме византиското пеење во македонските цркви

„Една од главните причини што заминавме за Солун беше изучувањето на византиската музика, која токму во последните децении за жал замре во македонските цркви. Причините се најразлични, политички, црковни... Но како наше изворно црковно пеење должни сме да го вратиме еден ден“, ветува Виктор. Тој активно членувал и во повеќе грчки хорови. Пеењето го изучува токму на изворот, каде што моментално е најсилна традицијата за оваа музика. За Виктор теологијата не е само наука, туку и начин на живот. Кога е во Охрид врсниците често го прашуваат за ставовите на црквата поврзани со Бог во современото општество, црквата и нејзината улога денес... А во Солун и на Света Гора е во својот свет. „ Покрај со студенти од Балканот контактираме и со православни студенти од арапскиот свет има и од Америка луѓе кои преминале во православие. Често не посетуваат странски професори од теолошките факултети од Бостон, Пенсилванија и од Минхен – Германија. Со тоа Теолошкиот факултетот во Солун ги обединува православните простори ширум светот,“ додава Виктор.