1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците штедат- кога имаат од што

Банкарскиот систем во Македонија сега има вкупни депозити од 4,1 милијарди евра. Споредено со нивото од крајот на 2012, влоговите на населението бележат пораст од 4 проценти, а на команиите пад за 1 процент

Според најновите податоци на Здружението за банкарство на Стопанската комора, депозитите на граѓаните изнесуваат 2,9 милијарди евра. Од јануари заклучно со септември годинава нивните штедни влогови пораснале за 147 милиони евра: за 4 отсто наспроти крајот на ланската година. Вкупните заштеди на граѓаните на крајот на 2009 година вределе 2,02 милијарди евра, додека во последниот месец на минатата година достасале ниво од 2,85 милијарди евра. Значи, за три години пораст од дури 830 милиони евра. Депозитите на компаниите се 920 милиони евра: за 1 процент помалку од крајот на 2012. Каматните стапки на штедењето постојано бележат опаѓање во последниве неколку години, но, и покрај ваквата тенденција, граѓаните се решаваат се повеќе да вложуваат во банките. Во 2009 просечната камата на денарските депозити во банкарскиот систем била 7 проценти, а во 2012 таа е „симната“ на 5,1 отсто. За девизните депозити каматата од 3,3 отсто во 2009 е намалена на 2,2 проценти во 2012 година.

Поголема доверба во банките

Марјан Петревски, професор на Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје вели: „Довербата кон банкарскиот систем е голема. Депозитната база на граѓаните расте, иако забавено, пред сѐ поради воздржувањето на граѓаните од потрошувачка, поради се уште присутните неизвесности во економијата. Но, има циклични осцилации: штедењето на населението растеше во текот на кризата и се уште расте, но со забавени стапки од 5-6 отсто на годишно ниво, наспроти двоцифрените стапки пред кризата да земе поголем замав. Во последнава година и пол потрошувачката на домаќинствата се намалила околу 1 процент додека во истиот период платите растеле за 1 отсто. Пораснаа и другите лични примања како што се пензиите, а истовремено состојбите на пазарот на труд ѝ пркосат на кризата. Сите овие фактори придонесоа депозитната база на населението да остане стабилна и растечка. Поради кризата, претпријатијата имаат пад на депозитите, што е во линија со намалената производна активност, недостигот од тековна ликвидност во економијата и потребата да се посегне по заштедите.“

Мирољуб Шукаров, експерт за макроекономија од Штуловиот универзитет во Тетово се надоврзува: „Граѓаните сигурно ја зголемуваат довербата во банкарскиот систем. Каматите не се толку голем мотив за пораст на штедењето. Повеќе растот би бил резултат на променетиот систем на исплата на платите (трансакциски сметки) и се поголемото учество на безготовинските плаќања, но голем дел од мотивите може и да се бараат во довербата во денарот како национална валута и растот на довербата во ценовната стабилност на системот во целина. Охрабрува растот на депозитите во време на турбулентни економски движења во Европа, и светот. Сепак, макроекономистите велат дека ’склоноста кон штедење’ на македонските граѓани е ниска во однос на другите земји во

поблиското и подалечното окружување. Во Македонија учеството на бруто - штедењето во бруто – домашниот производ било највисоко во 1992 година - 16.5 отсто од бруто – домашниот производ, но потоа опаѓа и се задржува на ниво од околу 5-6 проценти. Тоа е многу малку и создава потреба Македонија постојано да има огромна ’глад’ за странски директни инвестиции и странски кредити. Во Словенија учеството на бруто штедењето се држи на ниво над 22-23 проценти, а во Естонија оди во нагорна линија над 29-30 отсто.“

Граѓаните штедат за недајбоже

- „Немам заштедено ниту денар. Платата која ја добивам со доцнење не стига ниту за подмирување на сметките. Тешко излегувам на крај со сметките, а така е и кај моите соседи. Често го надминувам дозволеното пречекорување на мојата сметка во банката. Не верувам дека во оваа сиромаштија некој може да штеди, но веројатно има и такви“ – вели еден работник во локална приватна текстилна фабрика.

- „Штедам, но, во последно време многу е тешко да се тргне некој денар настрана. Имам и од порано штедено додека бев печалбар во странство. Парите ги чувам за арно и лошо, ако се случи некаква поголема криза во семејството, или кога ќе притреба за школување на децата. Досега беа добри каматите на девизните штедни влогови, но постапно се намалуваат и ќе нема многу мотив за штедење, ако се намалува износот што се добива за користењето на заштедата од страна на банката“ – ни изјави еден повратник од Германија, кој некако се „снашол“ да влезе на работа во јавно претпријатие како административец.

- „Како почнаа да зачестуваат кражбите во становите и куќите се повеќе ми е страв дома да ги чувам и оние малку пари што ги имам за ’недајбоже денови’“. Работам и друго дополнително кога ќе најдам, покрај земјоделството, со што главно се занимавам, само да излезам накрај со скапотијава. Сепак, повеќе парите ми се в банка, колку да не ми се дома, не оти имам намера да штедам за да заработам од камати.“ – раскажуваше еден продавач на грав, компири и други земјоделски производи на тетовскиот „Зелен пазар“.

Експертите предупредуваат дека, покрај вложувањето во банките, оваа држава е „сиромашна“ со други инструменти за штедење, или тие се неразвиени: „штедење“ во обврзници, удели во инвестициски фондови, заеднички фондови, а и пазарот на акции е во целосен „нокдаун“. Развивањето и на овие инструменти може да ја зајакне макроекономската и финансиската стабилност на земјата.

Поврзана содржина