1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците сѐ помалку се смеат

Во време на големи кризи, луѓето преку хуморот и сатирата, се „справуваат“ со проблемите и стресот. И на овој 10-ти јануари, Светскиот ден на смеата граѓаните на Македонија сѐ помалку имаат причини за смеа

Во Македонија е забележливо и гаснење на хумористичните емисии, кои опстојувале повеќе години, како и „трансформирање“ на некои гласила, кои доминантно се занимаваат со карикатура и критички начин на гледање на општествената реалност. Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко по дваесет години засмејување на луѓето повеќе нема да бидат гости во нивните домови преку телевизиските екрани. Зошто „К – 15“ ќе ја нема повеќе? – ДВ го праша Бубо Каров, популарниот „Цацко“.

Тој вели: „Одлучивме оваа серија како проект да згасне дефинитивно, поради сплет на околности. Веројатно дојдоа тешки времиња и за оние што се рекламираат, но и за медиумите, за кои е во прашање нивната слобода. Во овој момент во медиумскиот простор и воопшто во бизнис – амбиентот постои дисхармонија, која оневозможува К-15 натаму да постои. Постојат медиуми каде што и самите не сакаме да се емитува ’К-15’, бидејќи добивавме понуди со договори до кој процент би требало да бидат критикувани опозицијата и власта. Ова е само еден пример до кој степен се зависни медиумите од тоа кој што ќе мисли и кој што ќе каже. Изгледа и самите медиуми како да балансираат на некој начин за да не дојдат во ситуација некој за нешто да им забележи. Јас не ги оправдувам, но не можам и да ги обвинам медиумите, оти сите зависат од тој колач, наречен „рекламен простор’. Тој ’колач’ е толку многу намален во последните пет – шест години што ако Владата не огласи преку некој медиум, тогаш ретко кој медиум ќе може да опстане во таква ситуација.“

Згасна и печатениот Остен

Komiker aus Mazedonien

Популарното шоу К-15 повеќе го нема на ТВ екраните

По цели 69 години списанието за хумор и сатира „Остен“, еден од брендовите на македонската карикатура препознатлив и во светот, се трансформираше и сега продолжува да опстојува низ другите облици на електронската комуникација, преку интернетот. Печатеното издание е згаснато. Зошто?

Корнелија Коневска, извршниот директор на „Остен“ напоменува: „Во процесот на трансформација на брендот ’Остен’ во последниве години, ние ја почувствувавме кризата на карикатурата во светот. Карикатурата и другите форми на хумор и сатира, не се имуни на промените кои ги носи дигиталното доба. Интернетот засекогаш го промени изгледот на печатениот медиум, а карикатурата, особено онаа дневната и ангажираната, многу често се поврзуваше со печатените медиуми. Денес, како и во се друго, се случува хиперпродукција на карикатури, особено дигитално направени карикатури кои циркулираат преку интернет медиумите и на социјалните мрежи, додека во печатените медиуми се поретко ги има. Ние успешно ги приспособивме нашите активности според современите, глобалните текови. Сфативме дека карикатурата поврзана со дневно-политичките случувања во печатените медиуми замира, па во согасност со стратегиските определби на ’Остен’ за негување на уметноста на хартија, се фокусиравме на рачно нацртаната карикатура и сатиричниот цртеж. Значи, нема нема авто-цензура, туку само преобразба на ’Остен’ , што е предизвикано од новонастаните состојби.

Навистина, што се случува со со хуморот и сатирата во Македонија, во која постојат само меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Виница, меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, кој се одржува во Куманово, „Вевчанскиот василичарски карневал на маски, хумор и сатира и „Коза ностра“ – специјализираната страница за сатира, пародии и измислени вести? Зошто на лицата на населението во оваа балканска држава има се помалку насмевка?

Сунар Раими, професор пои социологија во Државниот универзитет во Тетово, коментира: „Поради сеопштата економска, политичка и културолошка криза во земјата, на македонските граѓани им е се помалку до смеење. Тие се наоѓаат во депресија, постојано очекувајќи попозитивни процеси, кои ќе го подобрат нивниот живот. Но, тоа со години не се чувствува и тоа влијае да се намалува од ден на ден нивното чувство за хумор и смеење од срце. Влошувањето во нашето општество е зголемено до таа мера и отиде до таму што и хуморот е ’национализиран’ и е поделен на две етнички линии: хуморот за македонското население се занимава само со тоа население и тој хумор се произведува за да се задоволат само неговите вкусови. Од друга страна, власта ги смалува фондовите за производство на хумор за албанската популација, која своите потреби за ова ги задоволува, следејќи хуморески и други такви емисии, произведени во Албанија и Косово. Во Македонија треба да се прават заеднички проекти преку претстави на театри и невладини културни и уметнички организации, со луѓе што ќе знаат да произведуваат хумористична продукција, со која ќе ги ’хранат’ сите во земјата и со која ќе ја вратат старата, искрена насмевка на усните на граѓаните во земјата.’

Нема хумор без здрава атмосфера

Бубо Каров се надоврзува: „Хуморот, смеата и сатирата ги нема ниту во минимална мера во Македонија во последниве десетина години, тие стануваат се понезастапени во медиумите. Без оглед кој е на власт, без оглед за кого се работи, карикатурата, хуморот и сатирата се дојдени до тоа дереџе што, едноставно, не можат да опстанат во никој случај, бидејќи нема зрела атмосфера оние што се третирани со хуморот и сатирата тоа да го прифатат тоа на еден нормален и достоинствен начин, како што е така насекаде во светот. Хуморот и сатирата би требало на некој начин да бидат предупредување и коректив на некои негативни работи и појави. Меѓутоа, поради изместување на критериумите и гледањето на работите низ партиски диоптер доаѓа до ирационални ситуации кога секогаш најдебелиот крај го извлекуваат авторите, бидејќи немаат за што да работат.“

Професорот Раими се осврнува на улогата на хуморот, иронијата и сатирата во општествениот живот: „Тие се употребуваат како арсенал, како форма за реагирање наспрема се она што се случува во општествениот, економскиот, политичкиот и културниот живот на луѓето во едно општество. Преку хуморот и сатирата се критикуваат негативните појави што се случуваат по чадорот на една погрешна владина политика. Хуморот е алтернативен начин за искажување на се она што луѓето немаат смелост да го кажат на сериозен начин, па се принудени да го сторат преку хумор. Тоа е начин да се исфрли на површината се она што населението и јавноста немаат можност, немаат смелост јавно да го кажат поради реперкусиите и негативните реакциите што можат да уследат од одредени владини кругови.“

Како и да е, колку и да се намалени сатирата и хуморот во Македонија, „Остен“ вложува напори ситуацијата да не дојде до „нулата“: ова списание и годинава ќе ја организира „Светската галерија на карикатури“, вообичаено во мај, со што ја задржува репутацијата на еден од најстарите организатори на натпревар за карикатури во светот. Напоредно со тоа, Скопје останува и натаму призната „метропола на светската карикатура“. Досега се пристигнати повеќе од 1.500 карикатури на повеќе од 400 карикатуристи од над 60 земји во светот.