1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците-почитувани граѓани во Хрватска

Во Хрватска постои активна македонска заедница, во повеќе училишта има дополнителна настава по македонски јазик, а верниците на МПЦ, во договор со хрватската влада, се рамноправни со останатите верски заедници.

default

Загреб-во околината ќе се гради првата македонска црква во Хрватска

Македонската заедница е меѓу побројните во Хрватска. Многу од нив заминале уште во времето на бивша Југославија, заради школување, потоа нашле работа, се ожениле, омажиле и останале. Не помал број се и Македонците кои во Хрватска заминале по распадот на Југославија.Тие се градежници, бизнисмени, ценети граѓани на Република Хрватска. Љупчо Јордановски, Македонец кој веќе 50 години живее во Хрватска, вели: „Чест ми е да сум Македонец во Хрватска односно во Самобор. Прифатени сме повеќе од одлично. Тука сум оженет имам семејство, живеам повеќе од одлично‘‘.

Коста Ламбески е помлад, тој во Хрватска е од 1995 година и е бизнисмен. За животот таму вели: „Тука сум дојден со семејството, жената ми е Хрватка, имам три сина и ќерка. Едниот син ми е во петто одделение, другиот трето, и двајцата посетуваат дополнителна настава по македонски јазик, разбираат македонски, зборуваат малку потешко, но пишуваат многу убаво‘‘.

Дополнителна настава по македонски јазик

Во Хрватска има повеќе училишта каде има дополнителна настава на македонски јазик, а се отвораат и нови. Многу важно е што во Риека е обновен Лекторатот по македонски јазик, а обновена е и катедрата за македонски на Универзитетот во Загреб, истакнува амбасадорот на Македонија во Хрватска ,Данчо Марковски и додава: „Она што го направивме и што може да биде пример за останатите земји е тоа што потпишавме спогодба за заштита на малцинствата, на македонското малцинство во Република Хрватска и на хрватската заедница во Република Македонија. Нешто што може да биде пример и за останатите земји во регионот, затоа што со таа спогодба имаме уредување на сите останати прашања за што подобро интегрирање на овие заедници и во Хрватска и во Македонија‘‘.

Македонците во Хрватска од 1991 година ја имаа својата Заедница на Македонците во Хрватска, претседателот на Заедницата, Ангел Митревски, ни појаснува „Нашата заедница е составена од шест македонски културно уметнички друштва кои работат во сите поголеми градови во Хрватска, Риека, Загреб, Пула, Задар, Осиек и Сплит. Од 1991 година се трудиме преку разни форми на делување да го одржиме македонското национално битие ‘‘ ни појаснува Митревски.

Kroatien Stadt Osijek Dom Starcevica Platz

Во Осиек е едно од најактивните културно уметнички друштва

Јагода Цветичанин е потпретседателка на Заедницата и претседател на едно од најактивните културно уметнички друштва во Хрватска, во Осиек. Таа ни појаснува: „ Прославивме 15-ти роденден годинава.Толку години сееме културни настани во Осиечката жупанија и воопшто во Хрватска. Во Осиек имаме и свои простории. Добивме и признание од градот Осиек за промовирање на мултикултурност и мултиетничност. Исто така имаме и признание од градот Струга, зашто најголем дел од нас потекнуваат од тој крај и друштвото го носи името „Браќа Миладиновци“, признанието е заради негување и промовирање на македонскиот јазик во Хрватска‘‘.

Верниците на МПЦ имаат рамноправен статус

Македонската православна црква во договор со хрватската влада од 2003 година е рамноправна со останатите верски заедници. Најнова вест е што наскоро во околината на Загреб ќе се изгради прва македонска црква во Хрватска. Таа би требало да биде пример и за останатите земји, истакнува за Дојче веле прота Кире Велински, одговорен за Македонската православна црква во Република Хрватска. „Во Република Хрватска има четири парохии, одржуваме богослужби, засега во католички цркви. Македонците соединети во МПЦ доаѓаат редовно и ја задоволуваат својата духовна потреба засега во овие простори, со надеж дека наскоро ќе изградиме своја и ќе се собираме таму.“

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска