1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците плаќаат во готово

Во Македонија има околу 1 милион и 440 илјади платежни банкарски картички, но граѓаните ги користат, главно, за да вадат готови пари - по околу 130 милиони евра секој месец се вели во Народна банка.

Граѓани со торби в рака, полни со евра, или со помали вреќи, полни со денари – вакви случаи неретко можат да се сретнат по улиците во македонските градови. Снежана Мојсоска, експерт за економија и парични текови од државниот Факултет за безбедност во Скопје, коментира:

„Точно, Македонија е се‘ уште готовинско општество. Осумдесет проценти од плаќањата во вкупната трговија во земјата се одвиваат во готовина. Луѓето се‘ уште го милуваат овој традиционален начин на плаќање со готови пари. Фактот дека готовите пари се главно платежно средство остава простор да бидат и најзлоупотребувано, односно најкористено средство за измами. Меѓу многуте видови на измами со пари е и нивното фалсфикување.“

„Провизиите на банките во РМ повисоки отколку во Њујорк, или Лондон“

Abdulmenaf Bedzeti, Proffessor für Finanzen an der Universität Max van der Stuhl in Tetovo

Абдулменаф Беџети

Абдулменаф Беџети, професор по финансии од Економскиот факултет во Штуловиот универзитет во Тетово, дополнува:

„Банките се‘ уште немаат соодветен обем на трансакции на електронските плаќања, распоредени и во внатрешноста на државата и од таа причина, покрај другото, настанува можноста да биде многу поскапа услугата на банките, отколку услугата на банките, да кажеме, во Њујорк, или во Лондон. Тие во овие светски метрополи имаат провизии блиску до нулата, бидејќи обемот на трансакциите и таканаречениот ’закон на големите бројки’ ги снижуваат таквите провизии. Кај нас тоа се‘ уште не се случува.“

„Кои пари ќе ги ставиш на картичка во банка?!“

Во една блиц-анкета Дојче веле праша дел од граѓаните на Тетово: кој начин на плаќање претпочитаат – во готово, или со електронски платежни средства и зошто?

„Само во готово, бидејќи така и ги земам парите. Тогаш во готово и нека се наплаќа. Полесно ми е. Што на картичка?! Кои пари ќе ги ставиш на картичка?!“

„Јас плаќам со картичка, поевтино ми е.“

„Јас плаќам во готово.

„Двата начина на плаќање се добри: зависно од тоа кој како се приспособува. Мислам дека тоа е одраз на традицијата: порано луѓето така навикнале да ги имаат парите во готово и со нив да плаќаат.“

Deutschland Verbraucher Kreditkarten Panne

Македонците не се навикнати на плаќање со картичка?

„Луѓето не се сигурни со електронските платежни средства. Кога ќе си ги имаат парите в џеб осигурно им е и плаќаат во готово, без картички. Не се навикнати на картичките.“

Професорката Мојсоска посочува:

„Според тврдењата на бизнис заедницата во земјата, банките се најголемиот виновник за неразвиеноста на електронската трговија, бидејќи сакаат да остваруваат повисоки провизии.“

Во овој контекст еве неколку поспецифични мислења на граѓаните на Тетово:

„Јас имам доверба во ’Комерцијална банка’ и во ’Тутунска банка'.“

„Нема шанса: немам доверба, а, пак, во овие, македонскиве - никако!“

„Банките се најголеми лихвари! Не сум имал никогаш потреба од банка.“

Готовите пари и сивата економија

Една од посериозните и покрупни негативни последици од доминацијата на готовите пари во платниот систем е и постоењето на сивата економија.

Во врска со ова Мојсоска смета:

„Користењето на готовите пари е еден од најголемите овозможувачи на ’сивата економија’. Зошто? Затоа што тие се лесни за користење, тешко можете да трагате по готовината, каде отишла. Готовината најчесто ја користат рестораните, таксистите и во слични професии. Тие најмногу можат да ја прикријат готовината, односно, заработувачката, па така и да не платат даноци.“

Владимир Кандикјан, професор по финансии во Правниот факултет на Државниот универзитет во Скопје, во една своја анализа, насловена „Готовите пари и сивата економија“, пишува дека „граѓаните се ориентираат кон ’сивата економија’ поради фискалната пресија и товарот на социјалните придонеси, сложеноста и дискриминаторскиот карактер на даночниот систем, распространетоста на поткупувањето и корупцијата, но и на борбата за голо преживување“. „Потребна е долгорочна интегрална стратегија за намалување на ’сивата економија’, кон што ќе придонесе намалувањето на користењето готови пари за трансакциони цели“, заклучува овој експерт.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска