1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците најмногу се греат на струја

Стартот на новата грејна сезона носи стари главоболки за граѓаните - како подобро и поевтино да се стоплат домовите во претстојните студени денови?

Како и да се смета, трошоците за греење се високи и покрај последното намалување на цената на парното и струјата. Граѓаните се загрижени, посебно оние чиј домашен буџет е помал од просечниот: „Ќе биде тешко, лани се исклучив од топлификација и се греев на струја. Сега ќе морам повторно да се грејам на струја но и да плаќам за парно иако сум исклучен од системот, невидена работа!... Не знам, да се надеваме дека намалените цени на парното навистина ќе ги почувствуваме, зошто лани буквално ’ме изгореа’ со сметките. Со мерачите се надевавме дека ќе плаќаме помалку, но не беше така. Да се надеваме дека ќе биде подобро!... На струја со греалки и со клима уред, ако даде господ да биде блага зима тогаш ќе куртулиме, ако не, тешко нас“, коментираат дел од граѓаните во анкетата на Дојче веле. Од стартот на годинава, парното на двапати поевтини за околу 15%. Регулаторната комисија за енергетика ги израдува корисниците на топлификација, но ги смрзна оние што се исклучија од системот кои сега треба да плаќаат поскап фиксен надоместок, односно по околу 1000 денари за ангажирана топлинска моќ по киловат годишно. Точниот број на исклучените потрошувачи не се знае, но неофицијално е над 10 илјади. Изразено во проценти, најмногу се откажале корисниците на Скопје-Север:

„Од три илјади корисници во 2000 година, сега имаме само околу 500 корисници. Со намалувањето на цената имавме неколку барања за повторно вклучување во системот, но станува збор за многу мал број. Најмногу проблеми имаме со нефункционирањето на законот за домување, односно нефункционирањето на заедниците на станари. Има големи проблеми околу плаќањето на сметките за струја за пумпните потстаници на ЕВН. Поради ова неколку објекти ни стојат невклучени во системот. Од 96 топлински станици, во моментов во функција се 46. Најголем дел од исклучените сега се грејат на струја, која во меѓувреме поевтини, но сепак тоа не може да се спореди со нашата услуга, бидејќи со струјата се греат само по една или две простории, се подзагреваат“, вели за Дојче веле Игор Поповски, директор на Скопје-Север.

Gasflamme Gasherd

Само малку граѓани се греат со гас

Неофицијалните податоци се дека дури 75% од граѓаните во земјата се греат на струја што за познавачите е загрижувачки многу и скапо: „Ние постојано апелираме на енергетска ефикасност. Трендот на потрошувачка на струја расте и неопходно е максимално да се штеди. Не е проблем што се зголемува потрошувачката, бидејќи струјата ќе се увезе, но спорно е што никаде во светот струјата не се користи за греење. Ако не се сметаат околу 50 илјади жители на Скопје корисници на парно греење и мал број на оние што користат дрво како огрев. Нон сенс е тоа што се случува, од една топлана да правиме електрична енергија и таа електрична енергија повторно ја враќаме во топлинска енергија“, коментира за Дојче веле Ленче Карпузовска, портпарол на ЕВН Македонија.

Цените на огревното дрво остануваат исти како лани, но со тоа што за социјалците веќе не важи попустот од 10%. Побарувачката е намалена, но незначително:

Brennholz vor einem Kamin

Благо намалена побарувачка за дрвото за греење

„Ланската година имавме блага зима и многу од купените залихи се останати. Тоа влијае на побарувачката, но исто така и понудата на приватните фирми. Нашите цени се непроменети веќе четири години, 2450 денари за дабово и 2370 денари за метар кубен буково дрво и имаме доволно количини. Попустот важеше само лани и тоа беше одлука на Владата, со цел да се амортизира ударот од поскапувањето на струјата и парното, што успеа. Оваа година имаме контра ефект, парното и струјата поевтинија што влијае врз побарувачката на дрвото“, изјави за Дојче веле Жарко Караџоски, директор на ЈП Македонски шуми.

Пресметките покажуваат дека зимата ќе ги чини граѓаните од 300 до 800 евра, во зависност од тоа на кој начин ќе се одлучат да ги затоплат домовите. Најевтино може да се помине со гасот, а најскапо е затоплувањето со струјата, кое се‘ повеќе станува луксуз. Следната корекција на цената на парното ќе биде на 1 август 2014. година, доколку компаниите во текот на годината немаат зголемување на трошоците поголемо од пет отсто.