1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците и Албанците заедно на протести

Со наслов „Протести на младите во Македонија“ весникот „НЦЦ“ го истакнува мултиетничкиот карактер на протестите на младите во Македонија. Изданијата на германски внимание и’ посветуваат и на грчката должничка криза.

default

„Она што протестите ги прави забележителни е фактот што, за првпат по независноста, Македонците и етничките Албанци демонстрираат буквално рамо до рамо: слоганите наизменично се скандираат на македонски и на албански јазик. Впрочем не така одамна, во февруари дојде до судири меѓу македонските и албанските младинци поради изградбата на црква на османлиската тврдина.

Политичкиот живот е силно сегрегиран. Не постојат ниту мултиетнички партии, ниту синдикати или здруженија, дури и општествено се живее поделено. Приватниот круг по правило е концентриран на сопствениот ентитет. Можеби затоа ентузијазмот на младите е толку голем: на тоа долго чекал, вели брадесетиот Артан, кој со сјај во очите вее црвено знаме. Како левичар се згрозува од национализмот и сега за првпат гледа кој е навистина „народот“. Нежната Ксенија пак со години е дел од сцената во која ентитетот не е категорија“, пишува весникот и продолжува:

„За Македонија, единствената барем половично функционална мултиетничка држава на Балканот и не е така неважно, дали и како ќе се развива ова јадро на мултиетничко граѓанство“, заклучува „Ноје Цирхер цајтунг“.

За должничката криза во Грција весникот „Лајпцигер фолксцајтунг“ забележува: „Иако новиот министер за финансии искрено уверува, дека неговата земја ќе се придржува до сите договори, ако бидат уплатени само уште 12, а кратко потоа и 120 други милијарди евра, во меѓувреме никој не верува во тоа. Дури ни европските министри за финансии. Затоа е исправно, тоа што сакаат да ги стават на располагање ветените милијарди, кога грчкиот парламент ќе усвои натамошни мерки за штедење. Конечно, и други земји должнички се на листата на чекање“, пишува „Лајпцигер фолксцајтунг.“

Весникот „Нирнбергер нахрихтен“ укажува на друг аспект: „Успеало ли досега, една држава среде длабока криза, разумно да штеди? Грците сега треба да успеат, и тоа не само со една, туку истовремено со повеќе драстични диети од најбрутален вид. Тоа што има жестоки протести не треба никого да го изненадува и лути: во секоја друга земја на ЕУ, исто и во Гермaнија, владата би била збришана, ако би сакала да спроведе и барем делумно слични драстични чекори,“ смета весникот „Нирнбергер нахрихтен“.

Конзервативниот дневен весник „Ди пресе“ од Виена пак критикува: „Веќе не станува збор за тоа дека европскиот внатрешен пазар е доведен до совршенство со заедничка валута, дека големите земји од евро-зоната денес повторно постигнуваат стапки на пораст, за кои САД можат само да сонуваат. Заборавено е времето на финансиската криза пред две години, кога претпријатијата и работниците беа среќни што го имаат еврото како стабилна валута. Наместо тоа доживуваме обид на европската политика да се извлече од одговорност. Европските влади фрлаат вкочанет и заплашен поглед кон другите проблематични земји и без план играат на картата време. Меѓутоа тоа време не чини само пари, туку се полни и со скепса, страв и опасно нерасположение. Тоа ја руинира заедничката основа на досегашниот економски успех“, пишува „Ди пресе“.

Автор: НЦЦ/ НН/ ЛФ/ ДП/

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска