1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците имаат право да бидат Македонци

На прославата на 60 годишнината на Европската конвенција за човекови права во Стразбур, македонскиот претседател Ѓорге Иванов се пожали за неправедноста кон Македонија во грчко-македонскиот спор за името на земјата.

default

Ѓорге Иванов

„Денес, нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци бидејќи човековите права се посилни и потрајни од минливоста на одредени влади или одредени политичари“, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето на церемонијата во Советот на Европа во Стразбур по повод одбележувањето на 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права.

Македонија ги надградува стандардите на Конвенцијата

Во име на македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа, претседателот Ѓорге Иванов најпрво зборувајше за значењето на Европската Конвенција за човекови права при што тој повторно го посочи македонскиот пример: „Ние во Македонија преку Охридскиот рамковен договор не само што ги почитуваме, туку и ги надградуваме воспоставените стандарди на Конвенцијата."

Antonio Milososki und Ban Ki Moon

Бан Ки Мун и Антонио Милошоски

Сепак, според Иванов, дел од овие принципи во некои европски институции не се применуваат кон граѓаните на Република Македонија, пред се‘ поради политички притисок од една земја-членка.

„Ваквиот меч со две острици повеќе боли кога удира во најсветлата придобивка од демократијата – човековите слободи и права, но особено човековото достоинство... Но денес сум горд и како претседател на Република Македонија, но и како Македонец што во името на сите држави-членки на Советот на Европа можам да ги испратам благородните пораки за промоција на човековите права во Европа токму на мојот мајчин македонски јазик", истакна Иванов.

На свеченоста, на која на македонскиот претседател двајцата генерални секретари, на СЕ и на ООН му се обратија со-претседател на „Поранешна југословенска Република Македонија“, додека шефот на протоколот и претседателот на Европскиот суд за човекови права само со-претседател на Републиката, никој официјално не реагираше.

Нема коментари од Бан Ки Мун и Торбјорн Јагланд

На конференцијата за печатот, Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун и Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд избегнаа да одговорат на прашањето на известувачот на Радио Дојче веле, за тоа што мислат за говорот на македонскиот претседател Иванов во однос на името и посебно дали „постојат принципи и вредности кои се бранат од Советот на Европа и ООН, според кои може да се спречи еден народ да го избере своето име и името на својата држава“.

Бан Ки-мун: Побргу да се најде решение за името прифатливо за двете страни

Бан Ки Мун одговори само на прашањето дали се надева дека наскоро ќе биде најдено решение за проблемот со името за кое се преговара под закрила на ООН.

„Имав прилика да се сретнам со македонскот министер за надворешни работи Милошоски пред околу еден месец во ООН, при што ги разгледавме различните прашања кои се однесуваат на регионот. Вчера се сретнав и со претседателот Иванов, за време на вечерата организарана од страна на генералниот секретар Јагланд. Јас со големо внимание сослушав што тој рече изутринава.

Europarat in Strasburg - Council of Europe

Советот на Европа во Стразбур

Што се однесува за прашањето за името на земјата, ООН презедоа инцијатива во обид да придонесат за хармонично решение за прашањето за името. Знам дека постојат политички историски причини кои влијаат врз дебатата по ова прашање. Мојот специјален претставник, г-динот Нимиц ги посети двете земји и се сретна со раководителите на ПЈРМ и Грција и, се надевам дека благодарејќи на неговата работа на олеснувач, наскоро ќе можеме да најдеме прифатливо решение за двете страни. Јас се сретнав со раководителите и на Грција. Знам дека е важно да се води сметка за разликите во мислењата, но и да се најде едно решение колку што е можно побрзо и на хармоничен начин.“

Човековите права не се утопија – тие се реалност

На свечената церемонија по повод 60-годишнината на Конвенцијата за заштита на човековите права, Генералниот секретар на Обединетите нации ја поздрави улогата на Советот на Европа и посебно иницијативата за утрешната конференција наменета за подобрување на правата на Ромите. Опширно зборувајќи за човековите права во светот, тој испрати и критика за некои од најнапредните демократии во светот, кои се фалат со своите традиции и истовремено ги кршат или ги негираат основните човекови права.

Човековите права за Бан Ки Мун не се утопија, ниту пак сон.

„Заедно треба да работиме за човековите права да станат универзална реалност. Тоа е најмалку што можеме да го направиме за народите од целиот свет“.

Генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд повикувајќи се на зборовите на Рене Касан, Нобеловец за мир во 1968 и еден од таковците на Конвенцијата за човекови права пред првиот човек на светската организација нагласи:„Времето е дојдено за секој од нас да се бори до крај за човековите права.“

„Ако сакаме Конвенцијата да прослави уште многу родендени, потребно е сите заедно да се вклучиме во неа како овде, така и во нашите земји,“ предупреди претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM