Македонците имаат најмали плати во регионот | Економија | DW | 24.10.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Македонците имаат најмали плати во регионот

Пред македонските граѓани се жителите на сите други земји од регионот на Западниот Балкан. Највисоки се платите во Хрватска, а потоа следуваат Црна Гора и БиХ. Швајцарците имаат највисоки плати во светот.

Според истражувањето на агенцијата Анадолија, најмали плати во земјите од регионот земаат Македонците, Албанците и Србите, додека највисоки просечни плати имаат граѓаните на Хрватска, земјата која годинава влезе во Европската унија.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска, просечната нето плата во оваа земја во август изнесувала околу 723 евра, што е убедливо највисока во однос на останатите земји во регионот, а од некои земји е и двојно повисока.

По нив, највисока плата од земјите на поранешна Југославија имаат граѓаните на Црна Гора, каде според Заводот за статистика, просечната нето плата во септември била 475 евра.

Потоа следуваат граѓаните на Босна и Херцеговина, каде според последните податоци на Агенцијата за статистика на БиХ, просечна месечна нето плата по вработен во август изнесувала 423 евра.

Просечната плата во Словенија во јули годинава била 990 евра, во Турција 720 евра, Словачка 700 евра, Романија 480 евра, како и во Унгарија, а Бугарија е со просечна плата од 390 евра.

Од друга страна, пак, најниски се платите во Македонија, каде според последните податоци на Заводот за статистика во септември платата изнесувала 342 евра.

Пред неа е Албанија, со просечна плата во септември, според Заводот за статистика, од 380 евра, а потоа Србија, каде платите се малку повисоки, па според Републичкиот завод за статистика просечната плата во септември била 392 евра. Доколку се земат во предвид платите на сите земји во регионов, просечна плата на Балканот изнесува 455 евра.

Во Европа, најмали плати имаат граѓаните во Молдавија, каде просечната плата е 197 евра, а по неа следуваат Грузија со 217 евра, Ерменија со 218 евра и Украина со 290 евра.

Според овие податоци, само Хрватите и Црногорците имаат поголеми плати од просекот на регионот.

Од останатите земји во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија каде просечната плата е 4.472 евра, а потоа следува Норвешка со 3.065 евра, Луксембург со 3.000, Австралија со 2.932 евра, Катар со 2.790, Данска со 2.413, САД 2,322, Шведска 2.275, Јапонија 2.237 и Финска со 2.100 евра. Меѓу првите 20 земји со највисоки просечни плати, има 12 европски земји, што значи дека жителите на Европа во просек заработуваат повеќе од земјите од остатокот од светот.