1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонците живеат пократко од граѓаните на ЕУ

Македонските граѓани живеат четири години пократко од жителите на членките на ЕУ, покажуваат податоците на СЗО презентирани во Скопје по повод 7-ми април, Светскиот ден на здравјето.

Светската здравствена организација и Обединетите нации по повод овој ден повикуваат на здраво живеење и грижа за постарите лица, а годинашното мото е „Доброто здравје им додава живот на годините“.

Посебна студија за причините за пократкиот век на Македонците нема, но Марија Кишман, шеф на канцеларијата на СЗО во Македонија, вели дека врз ова влијаат социоекономските услови, условите на живеење, исхраната.

Просечната возраст на светското население се зголемува, а со тоа и староста на населението на Македонија, која за прв пат поминува во т.н. коефициент на старо население со 12 отсто жители кои имаат над 60 години. Проекциите на ОН се дека до 2050-та година во Македонија околу 33 отсто од населението би имало над 60 години. Најстаро е населението во Пелагонискиот регион, а најмладо во Полошкиот регион.

Со оглед на тоа што населението се‘ повеќе старее, усвоена е Национална стратегија за стари лица 2010-2020 година. Кишман препорачува старите лица да не плаќаат партиципација, да се унапредат капацитетите на геријатриските служби и да се зголеми опфатот на вакцини за старите лица.