1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонците добија пратеник во српскиот парламент

Според првичните резултати, Миле Спирковски од Демократската партија на Македонците во Србија е избран за пратеник во српското собрание на изборите што се одржаа вчера.

Демократската партија на Македонците на изборите во Србија коалицираше со Српската напредна партија на претседателскиот кандидат Томислав Николиќ и на тој начин дојде до пратеничко место во српскиот парламент. Коалицијата „Покренимо Србију“, предводена од партијата на Николиќ, освои вкупно 73 пратеници, а Спирковски се наоѓаше на 26-тото место на кандидатската листа за пратеник.

Македонците во Србија добија свој пратеник и покрај тоа што пред изборите не постигнаа согласност за единствен настап на вчерашните парламентарни избори. Националниот совет на Македонците во Србија ја поддржа коалицијата на Демократската странка на претседателскиот кандидат Борис Тадиќ, на чија листа нивниот актуелен претседател Борче Величковски се најде на 107-то место, но не како претставник на Националниот совет, туку како член на Демократската партија на Тадиќ.

Демократската партија на Македонците, пак, очекува успех и на локалните избори. Се проценува дека тие би добиле најмалку дваесетина советници во повеќе општини во Србија на локалните избори, кои се одржаа заедно со парламентарните и претседателските. Избраните советници ќе се знаат по првичните резултати објавени од Државната изборна комисија на Србија.