1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците да стана Бугари

Карла Енгелхард-АРД/бг14 август 2015

Првиот канал на германската државна телевизија во репортажа од Софија ги анализира бугарско-македонските односи низ призмата на директорот на тамошниот директор на Националниот историски музеј, Божидар Димитров

https://p.dw.com/p/1GFOm
Фотографија: Dessie/Fotolia

Влијателниот директор на Националниот-историски музеј во Софија започна една необична кампања, јавува АРД.

Божидар Димитров би сакал од Македонците да направи Бугари, а со тоа и граѓани на ЕУ. Неговата теза: сите тие и онака се Бугари. За да ја оствари својата цел, поранешниот министер за Бугарите во туѓина бара промени во законите. Тие би можеле да бидат донесени уште оваа година.

Божидар Димитров секоја сабота има сопствена историска емисија на еден бугарски канал. Овој 70-годишник се смета себеси за чувар на бугарското историско наследство и пропагандист на националните прашања. Со популистички тези овојпат тој бара промена на законот, што ќе овозможи Македонците со бугарски корени само врз база на усно изјаснување- на бугарски јазик- да добијат бугарско државјанство. Писмени докази за бугарското потекло, како досега, повеќе не би биле потребни. За историчарот Божидар Димитров еден издржан чекор, како што и самиот објаснува:

„1.300 години сѐ до 1944 во Македонија живееја Бугари. И еден убав ден некој им рече дека повеќе не се Бугари, туку Македонци. Дека немаат ништо заедничко со Бугарија, дека ќе им биде создадена држава, ќе им биде напишана сопствена историја и посебен јазик. И така и беше сторено. Но во последно време се јавуваат проблеми со идентитетот“.
Речиси 500 илјади Македонци на тој начин можат да станат Бугари, а со тоа и граѓани на ЕУ, се надева директорот на музејот. Тоа би претстаувало една четвртина од севкупното население во Македонија. На тој начин би се потврдила и неговата теза за бугарското потекло на Македонците, која историчарот Димитров остро ја брани. И тој и неговата теза се контроверзни, со оглед на тоа што Димитров порано работел за комунистичката тајна служба и поради тоа морал да се откаже од министерската функција. Но, сепак тој и натаму се залага за промена на законот, во чиј успех нема никаков сомнеж:

„Кога добро би се организирале, затоа што не е потребен само закон, туку и политичка волја, можеме Македонците поединечно многу брзо да ги внесеме во ЕУ. На тој начин ќе ги решиме и нашите демографски проблеми. И Македонците тоа го сакаат, сите- вклучително и нивните премиери- се трудат да добијат бугарски пасош“.

Boschidar Dimitrow Stojanow
Божидар ДимитровФотографија: Vladimir Petkov

'Берлински ѕид'

Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски веќе има бугарски пасош. Сепак тој не ја поддржува тезата дека Македонија е бугарска:

„Во Македонија од 1945 до 1990-те години беше патриот оној кој плукаше врз Бугарија. Тоа трае до денес. Сметам дека сѐ уште постои тој 'Берлински ѕид' меѓу Македонија и Бугарија. Мораме да се ослободиме од овие предрасуди. Но, откако Македонија е независна сепак има одредено приближување кон Бугарија“.

Во од криза погодената Македонија, две-третини од граѓаните имаат двојно државјанство, а со тоа и поголема слобода на движење. И македонските шофери најчесто патуваат со бугарски камиони во странство. Во поранешната југословенска република, со големина колку покраината Бранденбург, мнозинство се етничките Македонци, а малцинство етничките Албанци. Бугарско-македонските односи ги објаснува и аналитичарот Ким Мехмети:

„Тоа се два народа. Но никаде не постојат два народа чија историја е толку испреплетена, како онаа на Бугарите и Македонците. Па така, истите споменици можете да ги најдете во Софија и во Дизнилендот Скопје“.

Македонија е типична иселеничка земја. Шансата да се добие бугарски ЕУ-пасош ќе испрати уште повеќе Македонци во странство. Еве што вели еден Македонец кого го сретнавме на улица:

„Нашите гастарбајтери ни сега веќе не се враќаат од странство. Наскоро ќе имаме Македонија без Македонци“.