1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Македонците во Србија се претопуваат?

Припадниците на националните малцинства во Србија, пред десетина дена избираа свои претставници во т.н. Национални совети. Тоа не им успеа на Македонците, кои на електорски избори ќе излезат повторно на 20 јуни.

default

Белград

16 малцинства во Србија ги избраа своите претставници во Националните совети на непосредни избори, додека три малцинства тоа го прават на посреден начин, преку собрание на електори - Македонците, Хрватите и Словенците. Поради неуспешниот прв обид, припадниците на македонското малцинство во Србија повторно ќе имаат електорско собрание в недела, на 20 јуни. Јован Радески, претседател на сегашниот Национален совет на Македонците, вели дека причина за неуспехот на собранието на електори е немањето кворум.

На прашањето зошто изборите не се непосредни, туку преку електори, тој вели дека тоа се должи на фактот што Македонците, Хрватите и Словенците се сега малцинства во Србија, но во поранешната СФРЈ беа конститутивни народи, па затоа немаат традиција на организирање, како што имаат другите малцинства. Тие во времето на поранешна Југославија немале форми на организирање заради зачувување на идентитетот, јазикот, културата. Проблемот со запишување во посебните избирачки списоци и регистрација на избирачите за изборите за Националните совети, кои се формираат токму за да им помогнат на малцинствата да ги зачуваат културата, идентитетот и јазикот, е особено голем во големите градови:

„На пример, во Белград имаме најголема концентрација на Македонци, а ако ви кажам сигурно ќе ве изненадам дека се‘ на се‘ имавме запишано само околу 340 Македонци од 8300 колку што ги има во Белград. Слична е состојбата и во Нови Сад и Суботица. Најголем број запишани избирачи имаше во јужнобанатскиот округ, со седиште во Панчево. Тоа е така бидејќи таму постојат некои традиции и во онаа бивша Југославија имаше некој обичај на организирање, имаше и настава на македонски јазик, имаше и културноуметнички друштва и.т.н.“

Karte Grafik Westbalkan BOS bosnisch Albanien, Bosnien und Herzegowina, Kosovo, Kroatien, Mazedonien, Montenegro, Serbien

Непосредни избори за Национални совети одржаа 16 малцинства во Србија

Што се има постигнато досега?

Националниот совет е државна институција со јавни овластувања во четирите најглавни области - образованието, информирањето, културата и службената употреба на јазикот, додава Радески, подвлекувајќи ја важноста на оваа институција, зашто Советот мора да биде консултиран кога се носат закони и одлуки во оваа сфера.

„Имаме формирано новинско-издавачка куќа, во чиј состав се издаваат и книги и месечникот ’Македонска виделина’, како и детскиот весник ’Ѕуница’. Во случај да не се избере Национален совет, тогаш сите тие ќе престанат да излегуваат, бидејќи Советот е основач и тој може да формира дури и претпријатија во овие четири области.“

Во последните пет години има доста направено во сферата на организирање на македонското малцинство во Србија, тврди Радески и како поткрепа на своето тврдење наведува дека сега во две општини во Србија македонскиот јазик и кириличното писмо се во службена употреба - во Јабука, во општина Панчево и во Дужине, во општина Пландиште. Со оглед на тоа што не само децата, туку и возрасните слабо го зборуваат и познаваат македонскиот јазик, почнат е курс по македонски јазик, наменет за сите возрасти - од 7 до 77 години. Резултатите од првиот курс биле извонредни.

„Оваа година почнавме со вториот курс. Покрај ова, донесовме наставни планови и програми за воведување на македонски јазик со елементи од националната култура во основните училишта, таму каде што Македонците се во поголем број. Плановите се дадени на одобрение од страна на Заводот за школство на Република Србија, кој ќе ги прегледа и повторно ќе ги врати на реализација во тие училишта. Најголема концентрација на Македонци има во Јабука, Качарево, Глогољ, Пландиште, Вршац и.т.н“

Buchmesse, Leipzig 2010 - Serbien (FLASH)

Речиси половина од припадниците на македонското малцинство во Србија зборуваат и читаат само српски, не и македонски

Слаби врски и поддршка од Македонија

Радески смета дека зачувувањето на културата, идентитет и јазикот кај Македонците во Србија е недоволно. Македонците во таа земја се доселувале во неколку бранови, а најголемиот бил во 1946-та, веднаш по војната и тука е проблемот:

„Тие додека биле во Македонија го немаат почувствувано она наше право македонско, онаа наша слобода која што ја добија, нашата државност. Тие во периодот претходно, пред војната, или учеле во бугарски училишта, или во српски училишта. Поголемиот број учеле во српски училишта. Потоа дошле овде, повторно во таква средина, така што ние имаме случај поголем број луѓе да ги променат презимињата на ’иќ’. Покрај тоа дури и властите грешат, српските власти, на пример имињата и кај женскиот пол ги променија во ’ски’“, нагласува Радески.

Тој се жали на поддршката што како малцинство ја добиваат од Македонија. Контактите се сведуваат на средби и ветувања, но нема реализација на идеите и барањата:

„Не знам зошто. Многу е поголема соработката со прекуокеанските земји, а ние сме во една соседна земја. Ако го кажам и тоа - од претходниот попис во 1991 година и сега последниот попис во Србија, во 2002 година, македонското национално малцинство се намали за 41 процент. Тоа е катастрофално. Никаде нема таков пад како кај Македонците. Мислам дека матицата треба малку повеќе да се загрижи.“

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина