1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонско малцинство во Бугарија на нови маки

Во спротивност со своите досегашни залагања Парламентарното Собрание на Советот на Европа во резолуцијата за Бугарија го избриша од текстот македонското малцинство што не ја олеснува нивната положба во таа земја.

Исфрлањето на македонското малцинство од текстот на резолуцијата е резултат на преговори и компромиси меѓу членовите на ПССЕ, кои се до последен момент немаа одлучено дали ќе продолжи или не следењето на Бугарија. Бугарскиот парламентарец Лачезар Тошев кој го бранеше амандманот пред ПССЕ, смета дека отстранувањето на македонското малцинство и на помаците од текстот на резолуцијата е „подобра формула за за да им се даде саканата заштита од страна на Советот на Европа“ и со тоа се „избегнува отворањето на пандорината кутија со специфично назначување на одредени малцинства и групи“.

Специјалистот за малцинските прашања во ПССЕ, летонскиот пратеник Борис Цилевич, не го дели истото мислење, тој потсетува дека бугарското законодавство не ги посочува со точност „expressis verba“ малцинствата кои се признати и тие кои не се признати. Цилевич потсети дека е познато во практиката: „тие (Македонците и помаците) не се претставени во Советот на малцинствата, а се донесени повеќе пресуди на Судот за човекови права поради одбивањето за официјално регистрирање на организациите кои ги претставуваат овие малцинства.“

При ратификувањето на Рамковната конвенција за малцинствата, Бугарија до Советот на Европа достави листа на признати малцинства и македонското малцинство не е на таа листа. Бугарија ја брани тезата дека на нејзина територија „сите групи можат да ја уживаат заштитата на рамковната конвенција“.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen

Имено, секоја држава самата одлучува која малцинска етничка група може да ги ужива правата гарантирани со Европската рамковна конвенција.

Македонската делегација со искрена поддршка кон соседот

Македонските парламентарци Александар Николоски и Ермира Мехмети Деваја гласаа против амандманот на Тошев и против целиот текст на резолуцијата иако најавија дека ќе гласаат за подигање на пост-мониторингот за соседната земја.

„Јас јасно ставив на знаење во моето обраќање пред ПС на Советот не Европа дека Бугарија е наша пријателска држава и сосед, токму заради овие причини, како и заради тоа што во првичниот текст јасно беше побарано македонското малцинство, да бидат дел од Советот за национални малцинства на Бугарија, а беа посочени и проблемите кои ги имаат со нивните права и спроведувањето на одлуките на Судот во Стразбур. Тоа беше наша искрена подршка“, објаснува за Дојче Веле Александар Николоски шефот на македонската делегација при ПССЕ за неговата претходна поддршка за затварање на пост-мониторинг дијалогот со Бугарија.

Но, амандманската расправа и прифаќањето на бугарскиот амандман, согласно кој поименично не се наведени Македонците и Помаците со образложение дека Бугарија го прифатила моделот согласно кој на сите малцинства им се гарантира еднаков третман, беа причините кои ги навеле Александар Николоски и Ермира Мехмети да ја променат одлуката за гласањето.

Разочарување кај претставниците на македонското малцинсто во во Бугарија.

„Секако дека сме многу разочарани. Макар да не е прв пат експертите да им даваат подршка на нашите барања, а политичарите по некои нивни причини да не прескокнуваат. Револтирачки беа аргументите со кои се постигна нашето бришење. Испадна како непостоењето официјална процедура за признавање малцинство да прави невозможно и непотребно признавање на малцинство. Ако е тоа така во Бугарија како тогаш се признаени турското и ромското малцинство например?“, вели за Дојче Веле д-р Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин.

Тоа според него е резултат „не во немањето процедура, туку во немањето желба.“

„Беа употребени и отворени лаги - како таа дека сме ги уживале правата и сме имале поголем број регистрирани организации, кога немаме ниту една. А пак

Parlamentsgebäude in Sofia, Bulgarien

Парламентот во Софија

изјавата на Тошев на дебатата дека преку нашето бришење од резолуцијата подобро ќе ни биделе заштитени правата е отворен цинизам“, додава тој.

Потребна е уште многу работа за да се признае македонското малцинство

„Во иднина ќе се потрудиме подобро да ги информираме пратениците во ПССЕ - да ја сфатат суштината на проблемот, дека не станува збор дури за непризнаено, туку за отворено и официјално негирано малцинство, на кое не му се дава ниту едно од правата по Конвенцијата. Неопходно е очигледно уште многу разјаснување. Досега така да се каже сме ја добиле битката на експертско ниво, останува тоа да го направиме и на политичко. И не само во ПССЕ. Инаку останатиот дел на резолуцијата е добар и ние го подржуваме“, додава д-р Стојков.

ПССЕ во резолуцијата побара од Бугарија целосно спроведување на сите одредби кои ги содржи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, посебно во делот на спроведувањето на индивидуалните права, како и потпишување и ратификација на Европската повелба за регионални и малцински јазици. Но оваа формулација, според нашите соговорници од Стразбур сигурно дека нема да дозволи признавање на македонското малцинство од страна на бугарската држава. Уште повеќе ако се знае дека таа не реагирала ниту на формулации многу подиректни од таа што беше усвоена на последната сесија.