1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонското стопанство трпи штети од кризата во Грција

Кризата во Грција двојно го намали македонскиот извоз во ова земја. Бизнис заедницата е загрижена но и смирена бидејќи довербата кај стопанствениците во двете земји е на високо ниво.

Политичката криза во Грција дополнително ја притиска македонската економија. Извозот кон јужниот сосед е двојно намален, а евентуалниот излез на земјата од Еврозоната може да предизвика дополнителни проблеми бидејќи домашните компании ќе станат неконкурентни. Стопанството трпи штети, а најголем пад има во металуршкиот, прехранбениот и текстилниот сектор каде извозот е двојно намален.

Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија за Дојче Веле изјави дека извозот во првиот квартал годинава во споредба со истиот период во 2008 е намален за 69%, а по производи, извозот е намален од 86 на 44: „Сепак и покрај ваквите статистички податоци Грција во 2012 година е втор трговски партнер на Македонија, за разлика од 2008 кога беше на петто место. Анализите покажуваат намалени стопански активности во Грција во гранките во кои се користат производи од црната и обоена металургија но и дека се намалуваат нивните инвестиции во текстилниот сектор“.

Доверната меѓу партнерите опстојува

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Според анализите на бизнис заедницата, Грција во моментов е соочена со намалена економска активност во земјата, но и намален обем на нарачки од странство. Причина за намалените стопански активности е и фактот дека над две илјади грчки компании целосно или делумно го преселиле бизнисот во Бугарија. Податокот дека увозот од Грција во Македонија расте, според Василевска, може да е сигнал дека и во услови на криза набавката преку јужната криза е поефтина и дека што е значајно не е изгубена добербата меѓу партнерите. Таа очекува Грција да остане на висока позиција во размената со Македонија.

Најлошо сценарио- враќање на драхмата

Актуелната состојба ги загрижува и експертите, кои сепак не очекуваат драстично влошување на состојбите во Македонија. Евентуалното враќање на драхмата е најлошото сценарио, но пред се’ за Грција, смета универзитетскиот професор и поранешен Гувернер на Народната банка на Македонија, Љубе Трпевски. Во таков случај според него ќе се случи висока девалвација на драхмата, што пак ќе ги обезвредни сите заштеди, плати. Тој советува во Грција да преовладува разумот и да останат во еврозоната бидејќи и на тој начин, исто така тежок, ќе излезат од кризата но со помош од останатите членки на еврозоната.

За разлика од Грција каде штедачите последниве денови масовно ги повлекуваат влоговите во банките, состојбата во Македонија е помирна. Двете банки со доминантен грчки капитал Стопанска и Алфа соопштија дека штедните влогови се сигурни, а нивното работење стабилно, согласно регулативите на Народната банка на Македонија. Од Стопанска банка соопштија дека целиот профит од минатата година ќе се реинвестира во Македонија.

Поврзана содржина