1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Македонското собрание треба да води истрага за смртта на Борис Трајковски

Македонскиот парламент треба да спроведе истрага за да се расчистат околностите под кои се случи несреќата во која животот го загуби претседателот Борис Трајковски и осум други лица, порача Бирото на ПС на СЕ.

default

Зградата на Советот на Европа

Бирото на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, состанато во Братислава, едногласно го поддржа извештајот на швајцарскиот парламентарец Андреас Грос.

Во извештајот кој сега е достапен за јавноста, се вели дека падот на авионот во кој покрај претседателот Трајковски загинаа и осум други лица, најверојатно бил несреќен случај. Според мислењето на Грос, кое беше поддржано и од Бирото на ПС на СЕ, постојат „загрижувачки“ противречности кои го оправдуваат продолжувањето на истрагата за да се разјаснат сомнежите, според кои смртта на претседателот Борис Трајковски е сомнителна.

„Можам само да кажам дека има огромен број противречности и недостиг на сериозност во официјалната истрага. Остануваме гладни, бидејќи многу прашања остануваат отворени. Можеби тоа беше несреќа, но ако беше несреќа тоа треба да се докаже на поубедлив начин за да тие кои се сомневаат во државните власти, прекинат со сомневањата“, вели Андреас Грос во интервјуто за радио Дојче Веле.

„Постои исто така можност дека НАТО направил грешка, дека во несреќата се вмешани и се одговорни трети лица, тоа треба да се испитува“, додава Грос. Тој смета дека силите за стабилизација на НАТО (СФОР), можат да понесат дел од одговорноста за несреќата, пред се во нивната небрежност, која можеби довела до неоткривањето или прикривањето на вистинските причини за несреќата.

Истражна комисија е потребна што е можно побргу

Бирото на ПС на СЕ испрати повик до Собранието на Република Македонија да создаде истражна комисија, колку што е можно побрзо, за да се расчистат околностите на авионската несреќа. Швајцарскиот пратеник, како претставник на ПС на СЕ, ќе помага во делот на истрагата кој се однесува на НАТО и Босна и Херцеговина:

„Мојата улога ќе биде да ја поддржувам македонската комисија, грижејќи се за сите аспекти кои се однесуваат на Босна и Херцеговина, аеродромот во Мостар и офицерите од тајните служби кои беа на местото на несреќата пред македонските претставници. Јас разговарав со босански граѓани кои видоа нешта, пред да пристигнат екипите од Македонија. Од друга страна јас ќе се погрижам и за НАТО, што претставува проблем за Македонија, бидејќи Македонија не сака да направи ништо, со што би ги намалила нејзините шанси за членство во НАТО, нешто за што имам разбирање“, вели Грос.

Претседателот на македонската собраниска делегација во ПС на СЕ, Оливер Шамбевски, извештајот на Грос го оценува вака: „Можам да кажам дека е прилично добро направен, дека е коректен, фер и има добри препораки за Република Македонија.“

Од работата на македонската парламентарна истражна комисија ќе зависи и изработката на извештајот во Стразбур, за кој е задолжен Андреас Грос.