Македонското културно наследство на изложба во Утрехт | Панорама | DW | 09.02.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонското културно наследство на изложба во Утрехт

Македонската министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во музејот „Катаријнеконвент“ во Утрехт, Холандија, ја отвори изложбата „Ненадмината убавина – икони од Македонија“.

default

Свети Јован Канео, Охрид

На изложбата која претставува најголемо презентирање на богатото македонско културно наследство надвор од Македонија, како по вредностите, така и по обемот, се претставени експонати од најзначајните збирки на икони од Република Македонија, од НУ Музеј на Македонија и од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид (Галерија на икони).

Изложбата ја збогатуваат и извонредни археолошки артефакти од праисторијата и од античкиот период, како и други исклучително значајни предмети од збирките на нашите музеи. Станува збор за 62 археолошки предмета, 6 примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони и 39 литургиски предмети.

Посебно за издвојување се култните жртвеници од раниот неолит со претстава на Големата Мајка – Земја, извонредната фигурина Адам од Говрлево од четвриот милениум п.н.е., исклучителните наоди од локалитетот Плаошник пронајдени во текот на неодамнешните археолошки истражувања во Република Македонија, како и Златната маска пронајдена на Самуиловата тврдина во Охрид, можеби најзначајниот археолошки наод од поновата археолошка историја на нашата земја. Дел од овие наоди првпат се изнесуваат и изложуваат надвор од Република Македонија.

Автор: ГЧ/миа

Редактор: Горан Чутаноски