1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонското знаме се вее во Олимпиското село

Денеска започнуваат 30-тите Олимписки игри во Лондон. Од вчера се вее и македонското знаме во Олимпиското село. На свеченоста присуствуваше и претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Со фанфари, со интонирање на химната и кревањето на националното знаме беше официјалната промоција на македонскиот олимписки тим во Лондон. Свечен, убаво осмислен момент на кој присуствуваше и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Вака тој за Дојче веле ги пренесува своите импресии од присуството во Лондон.

„Тука сум заедно со сите претставници од држави и шефови на држави или влади да му дадеме значење на овој чин на отворањето на Олимписките игри, а особено денес кога се крева македонското знаме во присуство на нашите спортисти е величествен момент.“

Олимпијадата е единствен настан за сите жители на Планетава. Како Иванов ја доживува?

„На Олимпијадата сите се исти. Нема големи и мали, силни и слаби. Сите земји се рамноправни. Уште од минатото се велича спортот, се велича мирот“.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov

Ѓорге Иванов

Што ќе гледа Иванов на Олимпијадата?

„За време на Олимпијадата сите сме залепени за ТВ екраните. Ги гледаме сите натпревари, очекуваме нови рекорди, очекуваме нови ѕвезди. Ги гледаме сите спортови, дури и оние, кои нам не ни се блиски. Преку Олимпијадата дознаваме и учиме за нив“,- вели за Дојче веле претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Македонските олимпијци во фаза на привикнување

Од завчера македонските олимпијци претстојуваат во Олимпиското село во Лондон. Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова минаа низ првите тренинзи чувствувајки ја водата на Акватик центарот. Атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска се со своите подготвителни обврски. Сите се соочуваат со својот најголем спортски предизвик. Марко Блажевски е и со чесната обврска да биде македонски знаменосец на церемонијалот на Свеченото отворање:

„Пресреќен бев кога дознав дека ќе се натпреварувам на Олимпијадата во Лондон. Едвај го чекав моментот на дефилето на стадионот. Сега како носител на македонското знаме, за мене е огромна чест и голема обврска.“

Лондон обземен со Олимпијадата

Како што се приближува часот на отворањето на Игрите, така се засилува и олимписката треска под која подлегнуваат и традиционално воздржаните домаќини. Ќе ечи Лондон. Ќе се огласи култниот Биг Бен, но и сите други камбанарии, точно 12 часа пред почетокот на отворањето на Игрите. Ќе ѕвонат звоната во чест на Олимпијадата, во чест на 10-те илјади и 490 спортисти од 203 земји од целиот свет, кои вечер ќе продефилираат на Олимпискиот стадион во Лондон. Тие ќе бидат дел од спектакуларното свечено отворање „наменето за сите“-како што вели неговиот режисер Дени Бојл, „и исполнето со креативност и бујност, искажувајќи ја великодушноста на Британците“.

Игрите ќе ги отвори Кралицата Елизабета Втора.