1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонското борење на плеќи

Резултатското урнисување на македонското борење продолжува. На штотуку завршеното ЕП во Србија, ниту еден од македонските репрезентативци не стигна до борба за медал.

default

Спортот, кој со години беше резултатска перјаница во Македонија се поблиску е до туш позиција! До пред една деценија се броеја освоените медали.Сега, на прсти се бројат победите, остварени на големите натпреварувања. На Европското првенство во Белград, петмината македонски репрезентативци беа пласирани меѓу 11-то и 19-то место во своите категории. За моментот на македонското борење соговорник е познатиот тренер Насе Насев.

„Бев во Белград. Нашите борачи пред се’ имаа лоша жрепка. Но ,факт е и тоа дека не беа доволно подготвени. Резултатите на Европското првенство само потврдија дека македонското борење е во длабока стагнација.“

Беспарицата го урива борењето

Борачката федерација, па и самите клубови се сведени на елементарно опстојување. Во такви услови, и не може да се очекуваат резултати, констатира Насе Насев.

Iran Sport Ringen

„На времето македонските борачи имаа и по 300 дена подготовки годишно. Имавме свои центри во Скопје во спортскиот центар Сарај, потоа во Крушево, во Охрид, во Отешево ...врз основа на временскиот период. Борењето не е скап спорт, но без барем 250 дена заеднички подготовки, било на ниво на клуб или репрезентација, резултати ќе нема.“

Борењето станува се помалку привлечно кај младите. Во состојба на беспарица трпи и стручната работа.

Во изминатите неколку години, МОК е главниот поддржувач на акциите на репрезентативно ниво. На борачите им обезбедува подготвки во камповите во неколку земји, кои се водечки во овој спорт.Треба поголема грижа од државата, вели Насев.

„Професионални тренери веќе немаме. Општините не ги користат доволно своите можности за финансирање на клубовите.Борачката федерацијата од Агенцијата за млади и спорт добива скромни дваесетина илјади евра годишно, што е недоволно. Тоа е сума за животарење, а не за подготовки на една репрезентација.“

ЕП за јуниори во 2013, шанса за пресврт

Ringen Europameisterschaften 2011

Авторитетот, сепак, не е докрај загубен. Македонија ја доби организацијата на Европското јуниорско првенство во слободен и во грчко- римски стил во Скопје во 2013 година. Според, Насев ова е шанса и за организациска и за финансиска инјекција на борењето.

„Македонија ја доби организацијата на Европското јуниорско првенство и во слободен и во грчко-римски стил и за жени. Ова може да значи пресврт во борењето, ако Борачката федрација направи добра програма, структурата да се крене повисоко и да започне нова ера за македонското борење.“

Златното време на Сејдиу, Трстена, Шоров, Ристов, Дарлев, Ибрагимов е минато. Пред 12 години беше освоен последниот олимписки медал, пред 5 години последното одличје на Европското првенство.

Во моментов, сликата на борењето е депресивна. Надвисната е опасноста дека после 5 децении ќе нема ниту една норма за учество на Олимписките игри во Лондон.

„Од 1968 година наваму, Македонија постојано има свои борачи на Олимписките игри. Најчесто освојувала олимписки медали. Сега,можеби ќе се случи, Македонија да нема свој претставник во борење на Олимпијадата во Лондон“, стравува Насе Насев.

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски