1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонски фирми без вработени

Податоците на Државниот завод за статистика, направени годинава покажуваат дека од 75 илјади активни фирми во Македонија, речиси 11 илјади остваруваат годишен промет, а немаат или не го прикажале бројот на вработени.

default

Слободната економска зона во Тетово

Ваквите фирми во најголем дел се мали, и се во секторите трговија и преработувачка индустрија. Законот за трговски друштва дозволува фирмата да нема вработени, единствено треба да има управител кој ќе ја претставува.

Ваквата состојба според екс- министерот за финансии и професор на Европскиот универзитет Никола Поповски, не треба да биде загрижувачка и треба да се толкува како природна: „Во земјава постојано има одреден број на фирми кои се раѓаат и гаснат и токму заради тоа се без вработени. Тоа за една економија не треба да не чуди, дури може да звучи како сигнал на здрава економија. Кога во економијата процесот на создавање и гаснење на фирмите е фреквфентен и динамичен, тоа е знак дека функционира пазарот, освен во случај ако голем број на фирми постојано се гаснат- тоа значи нестабилност на економијата“, објаснува Поповски.

Од друга страна пак Претседателот на Конфедерацијата на бизниси на Македонија, Миле Бошков вели дека во законот има недоречености и дека ваквата состојба се должи на „подароците“ од транзицијата: „Кога би се вовел закон каде што сопственикот, имателот, директорот или компанијата мора да има вработени тогаш ќе влијае и на намалување на нелојалната конкуренција кај малите големите и средните компании, бидејки сепак имаме обрт, имаме генерирање на пари, имаме обврски и промет, а немаме вработени, што значи дека дури може да се избегне и материјалната и кривичната одговорност, а во некои случаи каде што мислам дека е добра можност и за финансиски, трговски или други начини на проневери“.

Nikola Popovski

Ексминистерот за финансии Никола Поповски

Побаравме одговор и од Министерство за економија. Од таму соопштуваат дека ниту една Влада во услови на пазарна економија не може и не смее да влијае во слободата на избор на претприемачите во делот на креирањето на нивната деловна политика. Во тој контекст секое наметнување на обврска за граѓаните кои преземаат деловни потфати согласно закон, да имаат минимум или максимум вработени би било противуставно. Единствено во некои специфични дејности се наметнуваат обврски за соодветно стручно образование, велат од министерството.

Како фирмите работат без вработени?

На кој начин фирмите без вработени остваруваат приходи, за Дојче веле коментира магистер Тодор Милчевски од факултетот за бизнис економија. Милчевски вели дека еден од начините е фирмата да има ангажирано лица со авторски договор при што законска обврска е да се плаќа само данок на доход, но не и придонеси: „На тој начин фирмата многу помалку ја чини лице ангажирано со авторски договор, отколку лице во редовен работен однос за кое мора да се плаќаат даноци и придонеси. Другиот начин како фирмите остваруваат приходи е сива економија, односно не ги пријавуваат своите работници“, истакнува Милчевски. „Фирмите со нерегистрирани работници имаат многу помали трошоци од фирмите кои се придржуваат до законските прописи и со тоа неоправдано се поконкурентни и можат да понудат пониски цени на своите производи“. Милчевски смета дека Македонија со години ја толерира сивата економија, главно поради социјалниот аспект, односно како еден вид борба против сиромаштијата.

Последиците од ваквото функционирање се многу видливи- смета Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата. „Тоа е нелојалната конкуренција. Една компанија навистина генерира пари, големи суми на пари, илјадници евра, влегува во 100-те најголеми, меѓутоа на крај таа компанија неможе да го спроведе законот за безбедност за здравје при работа или пак некои фискални обврски кои ги има, ниту пак има можност за поднесување на одговорност при евентуална неправилност. Тоа е пример за нефер однос и за нееднаков пристап во економското работење“.

Фирми со милионски профити без вработени?

Mile Boskov

Миле Бошков, Претседател на Конфедерацијата на бизниси на Македонија

Дали постојат фирми кои без вработени остваруваат милионски профити ? Има индиции во јавноста дека постојат вакви случаи. За евентуалната ваква појава експертите сметаат дека доколку фирмите имаат преголем промет би требало да имаат и вработени. Професорот на Европски универзитет Никола Поповски истакнува: „Би требало да има некој цензус над кој износ на остварен промет во текот на годината фирмата може да го задржи без вработени. Меѓутоа ако таа фирма во текот на една година со завршна сметка покаже некој промет кој е над износот утврден со некој акт, тогаш не би било лошо да се донесат прописи со кои мора да има еден вработен, на пример ако фирмата има над 150 илјади евра годишно“.

Во многу држави, се случува властите да толерираат помали стапки на сива економија, но не смее да се дозволи ситуација каде фирми со нула вработени се меѓу најпрофитабилните фирми во земјата“, вели Тодор Милчевски. „Во овие компании, генерално, работниците имаат многу мали или никакви права, односно имаат помали плати од просечната плата во државата, не се вработени со договор така што може да бидат отпуштени во секое време, не им се плаќаат придонесите за здравстено, пензиско и социјално осигурување, немаат можност за синдикално здржување во фирмата“, вели Милчевски. Тој смета дека позитивни ефекти од ваквиот начин на работење се тоа што не плаќаат даноци, придонеси и трошоците на работење. Доколку државата ги натера да ги пријават своите работници голем дел од фирмите не би можеле да опстојат, објаснува Милчевски.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Борис Георгиевски