1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонски ученици на натпревар во Германија

ОУ „Лазо Трповски“ од Скопје ќе учествува на меѓународен натпревар за политичко образование во Бон. Учениците интензивно се подготвуваат по темите за достојно да ја презентираат Македонија.

default

Учениците кои работат на проектите за натпреварот во Бон со нивниот професор

На натпреварот во Бон ќе учествуваат 140 основи и средни училишта. Организаторот, Сојузната централа за политичко образование од Бон, Германија, како што за ДВ изјави Стефан Симовски, професор по германски и раководител на проектот од ОУ „Лазо Трповски‘‘ од Скопје, им доделил четири проектни задачи кои тие треба да ги реализираат до средината на март годинава. Учениците од шесто, седмо и осмо одделение веќе интензивно работат на темите „Чоколадото и глобализацијата“, „Полова рамноправност“, „Графитите вредат повеќе од илјада зборови“ и „Дали демократијата има шанса“. Темите ги реализираат во рамки на воннаставните активности како интердисциплинарен научно-истражувачки проект во соработка со институции, здруженија и установи, а финансиски поддржани од фондацијата „Фридрих Еберт“.

Во врска со работата по темата „Чоколадото и глобализацијата“, шестоодделенката Јована Маројевиќ појаснува: „Учиме како се произведува чоколадото, но најважно е што јас научив за злоупотребата на детскиот труд во Африка, а што ме поттикна многу да размислувам за овие деца, за искористување на детските права на полињата со какао, кадешто тие за мали пари или без пари треба да го одржуваат какаото“.

Нејзината другарка Мартина Јовановиќ пак, вели: „Со овој проект дознав многу работи, нови информации за тоа како тие деца се искористувани.Тоа многу ме мотивираше, бидејќи денеска сите викаат не сум среќен или во таа смисла нешто, додека ние имаме сосема среќен живот“.

Графити и нивниот јазик

Другата интересна тема по која истражуваат учениците се графитите. Сара Стојкоска објаснува: „Јас ги сакам графитите, но не ми се допаѓа тоа што се насекаде. Би требало да има некои одредени места кадешто би било дозволено да се цртаат графити“, смета Сара.

Нејзиниот другар Иван Чешмеџиевски исто така истражува за графитите. „Ги има насекаде во нашата околина - на згради, гаражи, а некаде може и по земја да се најдат. Има многу графити, се сликаат најразлични видови графити, како за група или групни графити, како што се за некои спортски клубови или спортски навивачки групи“.

Graffiti in Köln Flash-Galerie

Графити - учениците од „Лазо Трповски“ ги сакаат, но бараат за нив определени места

Иван се радува што со проектот добива шанса да замине во Германија: „Да видам убава држава, да се запознаам со пријатели таму“.

Неговиот другар Иван Стошиќ за можноста преку проектот да отиде во Германија вели: „Јас би бил многу среќен кога би заминал во Германија, затоа што очекувам, како што ми имаат кажувано, да видам многу убава држава. Сакам исто така да видам и за проектот, кој многу ми се допаѓа и очекувам уште многу да научам за графитите“.

Учеството на натпреварот во Германија значи и меѓународна афирмација на Македонија

„Соработката со Сојузната централа за политичко образование во Бон и нашето училиште трае веќе шест години. Тоа воедно значи и афирмација на Македонија под нејзиното уставно име во меѓународни рамки“, потенцира за Дојче Веле раководителот на проектот, професор Симовски. „Тоа што е особено значајно за нас и за учениците е особено можноста да градат ставови на одредени прашања коишто се базираат на проблемите во образованието и во училиштето. Значи тие теми се најактуелни. Досега организаторот на овој натпревар давал теми коишто се занимаваат со принципите на образованието и на училишната демократија“.

За досегашните успеси на овој натпревар Симовски потсетува: „Речиси во континуитет освојуваме награди на овој натпревар или во најмала рака имаме пласман во финале меѓу најдобрите проекти“.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска