1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонски судии за светски мегдани

Ракометната репрезентација на Македонија неодамна одржаното Светско првенство во Шпанија го заврши во осминафиналето. Македонскиот ракомет, сепак, до самиот крај имаше свои репрезенти - Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Македонскиот ракомет напоредно со резултатските дострели, постојано исфрла и квалитетен судиски кадар. Ѓорѓи Начевски и Славе Николов се на пат да ја засенат славата на своите претходници. Веќе редовно се дел од најголемите ракометни збиднувања, перманентно засилувајќи ги своите позиции на листата на најдобрите светски арбитри. Мондијалското „мало финале“ за Ѓорѓи Начевски е само чекор напред:

„Ова е големо признание и поттик. Многу сме среќни! Но, не е нескромно ако кажам дека среќата ја заслуживме и со арбитражите и со резултатите од тестовите за теоретска и физичка подготвеност на Светското првенство во Шпанија.“

Славе Николов се надоврзува:

„Во Шпанија судевме 5 натпревари. Добивањето на ваков значаен меч, кој одлучува за медал, е само последица на квалитетот на нашето судење на претходните. Верувавме во себе, не бевме оптоварени со фактот дека им судиме на Хрватска и Словенија, екипи од нашето блиско опкружување и големи ривали, во натпревар тежок и деликатен од повеќе аспекти.“

Олимпијадата не се заборава

Од 2005-та година се на листата на судии со знакот на ЕХФ и ИХФ. Стрпливо, чекор по чекор, се искачуваа на судиската листа, прво добивајќи ја шансата на младинските светски првенства, за во 2012-та година да зачекорат на големата сцена, да бидат дел од Европско првенство за ракометари и да настапат на Олимписките игри во Лондон. Начевски не ја крие возбудата при споменот на Олимпијадата:

„Учество на Олимпијада е сон за секого. Имавме среќа тој сон рано да ни се оствари. Најнапред не можевме да поверуваме дека ќе одиме во Лондон, за крајот на Игрите да го пречекаме со 5 одсудени мечеви, меѓу кои беше и исклучително силното машко четвртфинале, Шведска-Данска.“

Неколку години Начевски и Николов се постојано „на нога“. Мечевите од Лигата на шампионите им се најбројни во текот на сезоната, а имаат обврска и кон СЕХА регионалната лига. Николов се надева дека оваа година првпат ќе бидат дел и од завршните турнири:

„Долго сме во Лигата на шампионите. Мислам дека дојде време да се најдеме во судиската четворка која ќе суди на годинешниов ’фајнал фор’, од причина што зад себе имаме многу тешки мечеви, а на нив редовно беа делегирани судии од Балканот. Ние бевме најмногу.“

Судењето - семејна традиција

Судењето е семејна работа за обајцата. Почнаа многу млади, од својата 17-та. Ѓорѓи отиде по стапките на својот татко, Драган Начевски. Корените во семејството Николови се уште подлабоки, од дедото и таткото на Славе. Зад себе имаат 15-годишен судиски стаж. Од пред 8 години е формиран тандемот Начевски-Николов. Тоа е спој на две, според темпераментот, многу различни личности. Ѓорѓи е импулсивен, а Славе смирен. Но, во еден глас ја искажуваат својата меѓусебна приврзаност:

„Ние пред се‘ сме големи пријатели. Неразделни сме уште од деца, поради блискоста и на нашите родители. Постојано сме заедно. Се познаваме во душа и тоа многу ни помага во судењето. Различни сме по карактер“, вели Начевски.

Ракометот е темпераментна, жестока игра. Спорт со многу дуели, со чести реакции и од играчите и од тренерите:

„Познато е дека сме различни по темперамент. Во одредени ситуации Ѓорѓи реагира побурно, а јас посмирено. Но, ја наоѓаме средината. Пред се‘, се водиме од духот на ракометните правила и од објективноста која ни ја налага судискиот кодекс. И засега добро функционираме. Можеби, многуте мечеви ’од висок ризик’ од домашното, македонско првенство, кога бевме на своите почетоци, се драгоцено искуство кое ни помага сега полесно да ги решаваме и надминуваме и најделикатните ситуации“, објаснува Николов.

Ѓорѓи Начевски и Славе Николов инспирирани од присувството на големата ракометна сцена, мотивирани од се‘ позначајната улога, која ја имаат, уживаат во овој ракометен момент. Веруваат дека допрва претстои најдоброто во нивната кариера. Ракометните судии се долговечни, можат да судат до својата 50-та! Значи пред себе имаат уште 3 олимписки циклуси и искушенија на многу европски и светски првенства.