1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Македонски Роми: Повеќе отколку зимски бегалци

Ромите од Балканот кои бараат азил во Германија се протерувани по итна постапка. Но, пример од Баварија покажува дека секој случај мора одделно да се провери, пишува „Тагесцајтунг“.

Весникот „Тагесцајтунг“ повикува на внимателно преиспитување на барањата на одделни баратели на азил во Германија:

„Приказната на Селма Демирова од Македонија (името е измислено од страв поради репресалии во нејзината татковина) не и‘ поминува лесно преку устата. Таа, мажот и нејзиниот син се припадници на ромското малцинство. Овој народ во Македонија според извештај на Европската комисија за борба против расизам и нетолеранција, ЕКРИ, е систематски дискриминиран. Приказната на Селма Демирова се вклопува во тоа:

’Мојот сопруг не беше дома кога дојдоа неколку мажи, тој работи како таксист. Мажите сакаа да изнудат рекет од нас’, раскажува жената со долга црна коса.

Кога Демирова и нејзиниот тогаш 16-годишен син одбиле да платат, мажите, припадници на фирма за обезбедување блиска до една политичка партија, го претепале момчето. Кога мајката се обидела да го одбрани, била силувана пред очите на синот. Но, ниту во полицијата ниту кај лекар не сакале да и‘ помогнат, раскажува Демирова, од страв од напаѓачите и поради тоа што е Ромка.

’Лекарите не сакаа да ме прегледаат’, вели Демирова. Полицијата го уапсила син и‘, наместо да подигне обвинение. Кога требало да одлежи две години затвор, семејството во јуни годинава побегнало во Германија“, пишува весникот.

„Приказната Селма Демирова и синот им ја раскажале и во Службата за миграција и бегалци. Официјални документи би ја поткрепиле нивната приказна, вели адвокатот Хуберт Хајнолд, кој го застапува семејството. Но, нивното барање за азил е одбиено во рок од неколку дена, иако други баратели на азил со месеци чекаат на одлука за нивниот статус. Семејството вложи жалба, сега се чека на одлука на судот.

Всушност, Службата за миграција и бегалци моментно барањата за азил на луѓе од Србија и од Македонија ги работи како приоритетни. Службата го образложува тоа со натпропорционално и невообичаено високиот број барања од овие земји од август наваму.

’Србија со 2673 е на прво место, а Македонија со 1351 на второ место од сите држави’, вели една портпаролка.

Александар Тал од Советот за бегалци во Баварија претпоставува - зад итните постапки кои моментно водат до стопроцентно одбивање на барањата за азил, се крие политичка кампања против Ромите од балканските држави. Сојузното министерство за внатрешни работи ги отфрла овие обвинувања:

’Повод за кампањата е преполнетоста на прифатните центри’, вели тој.

’Наместо да го решат проблемот со сместување, министрите за внатрешни работи ги обвинуваат Ромите за злоупотреба на правото на азил и доаѓање во Германија заради искористување на социјалните поволности“.

Адвокатот Хајнолд не би одел толку далеку. Можно е меѓу Ромите, особено оние кои стигнаа во октомври и ноември во Германија, да има и т.н. ’зимски бегалци’.

’Но, тоа не менува ништо во фактот - властите мора внимателно да го испитаат секој одделен случај’.

А тоа во случајот се семејството на Селма Демирова не е направено. Силување кое во татковината не е правилно процесуирано, спаѓа недвојбено под клаузулата за заштита според Женевската конвенција за бегалци, истакнува адвокатот“, го завршува текстот весникот „Тагесцајтунг“.

Романија го избра „наводно помалото зло“

Изборите во Романија се тема на која се осврнуваат повеќе германски весници. Во извештаите и коментарите се нагласува дека избирачите немаа некаква веродостојна алтернатива за двете спротивставени политички групации, на кои, пак, заедничко им е корупцијата и непотизмот.

„Франкфуртер Рундшау нагласува:

„Во Романија не станува збор за идеологија. Овде обата табора се групи поврзани од интерес, клики на властољупци, кои имаат потреба од јасни правила за меѓусебните препукувања. Моќта на претседателот навистина треба да се ограничи, за да се смири земјата. (...) Во 2014 година завршува мандатот на шефот на државата опседнат од желба за власт. Најдоцна тогаш неговата партија ќе се престрои. Од европските партнери Романците прво треба да очекуваат респект за нивното решение. Не мора да се сака Понта, за да се признае дека крајот на мачниот уставен спор е поважен, отколку прашањето кого премиерот за која функција го подготвувал или дали неговиот докторски труд бил препишан.“

„Тагесцајтунгисходот на изборите првенствено го толкува како отфрлање на претседателот Трајан Басеску од страна на избирачите, па констатира:

„Од отфрлувањето на Басеску во прв ред профитираа владеачките социјалдемократи. Но, нивниот шеф Виктор Понта не треба прерано да се радува. Неговата убедлива победа само покажува дека избирачите, во недостиг од веродостојна алтернатива, овој пат се решија за наводно помалото зло. Кај Романците (...) созреа горко сознание – дека нема никаква разлика меѓу обата непријателски табора во однос на корупцијата, непотизмот и настојувањата да си ги обезбедат сопствените приходи.“