Македонски режисер меѓу талентите на Берлиналето | Панорама | DW | 09.02.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонски режисер меѓу талентите на Берлиналето

Андреј Илиевски Волкашин се најде во групата од 300 филмаџии од 79 земји кои во програмата „Берлинале таленти“ на филмскиот фестивал во германската престолнина, пет дена работат со 20 врвни имиња од светот на филмот.

Од 2004-тата до оваа година, во делот на Берлиналето кој се занимава со негувањето на талентите во филмот (до лани Талент кампус, а од 2014 „Берлинале таленти“), минале 14 режисери, актери, продуценти, кинематографи од Македонија. Годинава во „Берлинале таленти“ е Андреј Илиевски Волкашин, 28 годишен режисер роден од Делчево, кој по завршените студии по режија во Софија, инспирацијата ја бара во Македонија. Пријавата на Илиевски за учество на Белинале талнетите била една од пристигнатите 4.100 од 137 држави од светот. Како што за Дојче Веле објаснува Лира Лузиња од организацијата на Талентите, апликациите на потенцијалните учесници од светот пристигнале во периодот од средината на јули до 20 септември минатата година. Одлуката за изборот на 300 таленти од 79 земји била донесена во средината на декември. За да стасаат во Берлин не било пресудно од која земја доаѓаат кандидатите туку што се' работат и колку престојот на Фестивалот би им донел ефект во натамошната професионална работа. Поточно, како истакнува Лузиња, се водело сметка што работеле режисерите, продуцентите, актерите, експертите за звук во последните години, колку нивната работа би била интересна и значајна за регионот од каде потекнуваат, но и какви се нивните мотивации за натамошната кариера.

Berlinale Talents 2014

На Берлинале таленти се создаваат контакти и се учи самопромовирањето. Андреј Илиевски Волкашин

Во вистински миг

За Андреј Илиевски Волкашин, 28 годишен македонски режисер (роден во Делчево, дипломец на режија на Академијата во Софија), учеството на „Берлинале таленти“ е вистинскиот настан за добар старт на 2014 година. За Талентите Илиевски аплицирал со инсерт од неговата последна македонско-бугарска копродукција 36-минутниот филм „Псттттт запеј ми“, кој инаку на крајот на март ќе ја има официјалната светска премиера на филмскиот фестивал во Вилнус, каде последниве години фокусот е проширен и врз Источна и Југоисточна Европа. Дека 2014 ќе биде интересна творечка година, на Илиевски му најавил и крајот на 2013-тата, кога не само што ја добил поканата за учеството на Таленти, туку речиси истовремено го добил и грантот на Филмскиот фонд на Македонија за развој на сценарио.
„Тоа се први средства кои воопшто ги добивам за мојата работа. 'Летото со Силвија' е работниот наслов на сценариото кое планирам да го завршам до крајот на летото, по што есеноска заедно со еден колега од Скопје кој е заинтересиран да работи како продуцент, ќе аплицираме за средства за грант за долгометражен филм. Инаку, станува збор за романтична приказна инспирирана од лични и случки на мои блиски. Тоа е сторија која говори за патувања, за авантури, за љубов, за оптимизмот и за тоа што значи да се биде млад и да се верува дека во животот е се' можно“, кажува за ДВ Андреј Илиевски Волкашин, кој патем споменува дека уметничкиот псевдоним го смислил пред многу години воден од желбата неговата работа по името да биде запомнета.
Режирал уште други три играни филма со времетраење од половина час кои биле на меѓународни фестивали. Со првиот „Доброволно изгубени“ (реализиран со македонски студенти од Софија) учествувал на фестивалот на Академијата за кусометражен и видеофилм во Пекинг, но и на фестивали во Полска, Мароко, Русија. Вториот филм дипломската работа „Киндер сурпрајс“ бил селектиран на фестивалите во Брисел и во Софија, каде се нашол и неговиот трет филм, снимен во Македонија, во селото на неговиот татко Град, во кој старите жители зборуваат за средби со вонземјани.

Michel Gondry Regisseur

Андреј се радува на предавањето на култниот француски режисер Мишел Гондри.

Искуство со практично значење

Учеството на „Берлинале таленти“, за Илиевски е од големо значење за неговата натамошна кариера.
„Целта на тукашното претставување е секако да создадам што повеќе контакти, да научам како да го пробијам својот професионален пат како режисер, зашто се' не зависи само од тоа дали некој има талент, туку пресудни се и многу други нешта. Еден млад талент треба да научи пред се како да се самопромовира. Како да изгради мрежа со истомисленици, со соработници зашто јасно е дека филмот е колективна уметност. Не можете да направите филм сам, доколку немате мрежа од луѓе со кои споделувате ист вкус, сличен стил на работа. Можеби има многу талентирани творци, но за вистинската работа треба да ги пронајдете оние кои сакаат да прават слични работи“, подвлекува Андреј.
На Берлинале таленти, Андреј најпрво учествуваше во делот „Спид мечинг“ во кој секој учесник во 5 минути очи в очи му се претстави на својот колега кој седи наспроти него на масата. Суштината на ова соочување е да се има вкрстено запознавање со што поголем број соговорници, кои како на подвижна лента се меуваат. Во текот на фестивалската програма за Талентите, Андреј ќе ја посети и дискусија со неговиот омилен режисер, Французинот Мишел Гондри ( ‘Вечниот сјај на беспрекорниот ум’).
„Многу интересно и корисно за мене ќе биде предавањето ‘Шортс катс’ на кое збор ќе имаат главните програмери на поважните фестивали за кусометражни филмови. Таму ќе се говори за криетриумите на различните фестивали, како полесно филмот до таму да стаса, што е најважно да биде забележан и селектиран“, кажува за ДВ, Андреј Илиевски Волкашин, режисер и македонски претставник на годинашната програма „Берлинале таленти“.